![]()
Протоереј Василиј Термос
Бидејќи човечката личност причината за своето постоење ја има во Личноста Божја, нејзината творечка причина е Самиот Бог. Затоа, кога човекот стои пред Бога и Му зборува, тој признава дека во Него ја има причината за своето постоење и повторно се изградува како личност.
Зашто личноста е нераскинливо поврзана со словото и со заедницата. Личноста секогаш постои во заедница со некој друг.
Токму затоа многу луѓе кои се молат со извесна духовна длабочина, по некое време согледуваат дека можеби не се исполнило она што го барале од Бога, но се случило нешто друго: го пронашле своето вистинско „јас“. Се изградиле како личности.
А тоа е многу голем дар.
Односно, можеби бараш едно, а на крај ќе најдеш нешто сосема друго. Секако, ова отсекогаш било дар, бидејќи ние постојано имаме склоност да се оддалечуваме од своето вистинско лице. Но особено денес, во една култура и цивилизација што прават сè за да те одвлечат од твоето вистинско „јас“, да те расцепкаат на илјада парчиња, само тоа, човекот повторно да се пронајде себеси, е голема работа.

И токму така, во суштина, се отвора патот човекот да Го пронајде и Бога.
Но ова нема врска со некакво психолошко самопознание. Такво нешто човек може да постигне и без молитва – да се запознае себеси на психолошко ниво.
Кога зборувам за изградување на личноста, мислам на тоа дека човекот стекнува внатрешно единство, дека неговото битие се обединува и тој почнува да го чувствува својот однос и својата насоченост кон Бога.
Не својата автономија, туку своето постојано упатување кон Бога. Почнува да сознава дека не може да постои без Бога.
Ако човек го достигне тоа, тогаш тоа е веќе многу значаен степен на молитва.
Но постојат и многу повисоки степени.
„Срцето во криза“ – Изданија „Армос“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев