![]()
Отец Василиј Термос
Прифаќањето некој може да го разбере вака: „Добро, имаш некои недостатоци, но јас те прифаќам таков каков што си“. Тоа е многу добро и неопходно. Но почитта не е само тоа. Почитта значи: „Можам да погледнам подалеку од твоите недостатоци“.
Особено кај детето кое веќе ја добило етикетата „лошо дете“, постојано се сопнуваме од неговите недостатоци. „Можам да погледнам подлабоко. Можам да видам што се крие зад нив. И те ценам поради она што го гледам таму. Сето друго е маската што си ја избрал да ја носиш, еден лажен идентитет што си го создал од различни причини“.
Тоа е вистинската почит. Но да успееме да ги изнесеме на површина добрите чувства е голема работа — тоа е и наука и уметност.
Почитта не е да му кажеме на детето: „Зошто добиваш вакви оценки на училиште, кога си паметно дете?“ Понекогаш ова може да биде пофалба, охрабрување за некои деца. Но тоа не е почит во смислата во која го определив претходно. Зашто кај некои деца може да дејствува токму спротивно: „Штом си паметен, имаш добар ум, а сепак добиваш вакви оценки, тогаш значи дека си сосема неспособен“.

Значи, тоа може да дејствува токму како отсуство на почит.
Детето не е збир од неговите особини, како што, впрочем, не е ниту еден човек. Какви оценки добива, како се однесува дома, како постапува во некоја друга ситуација — детето не е збир на сето тоа. Тоа е нешто многу повеќе.
Така навлегуваме во состојби до кои, всушност, Црквата нè повикува да стигнеме: до заедница на личности.
Токму тоа е повикот на Црквата — така треба да живее и да дејствува црковното тело. Ист е повикот и во семејството: да стигнеме до заедница на личности.
Да можам да го препознаам јадрото на личноста на другиот, да го изнесам на површина и да му помогнам да се пројави — без разлика дали станува збор за сопружникот или за детето.
Мој личен впечаток е дека повеќето сопружници не го познаваат добро својот сопружник, ниту, пак, родителите ги познаваат добро своите деца.
„Радоста на животот и творењето“ — Издавачка куќа „Армос“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев