![]()
Еден човек, кој многу рано си замина од овој свет, но беше многу зрел, ми раскажуваше:
„Еднаш се најдов во еден познат манастир, придружувајќи еден пријател кој го беше загубил својот млад син во сообраќајна несреќа и имаше дадено завет. Јас немав никаква врска со Црквата, но отидов заради него.
Во еден момент, додека седевме, дојде еден монах и ни рече:
,Дојдете да се исповедате. Старецот ве чека‘.
Не размислував многу, зашто монахот беше категоричен. Отидов, а игуменот ме праша:
,Што имаш да кажеш?‘
А јас му одговорив:
,Сè сум направил, освен да убијам човек и да сум бил со маж‘.
Игуменот се разгневи и почна да вика:
,Безобразен си! Се потсмеваш! Стани и оди си!‘“
*
Човекот, кој навистина го мислеше она што го кажа, си замина зачуден.
Некој би очекувал, згрозен, тој засекогаш да ја прекине секоја врска со Црквата. Но тој помислил дека, всушност, навистина би сакал да проговори за својот живот.
Самиот раскажуваше дека, исплашен од болното искуство со игуменот, долго време барал, сè додека не нашол некого кој можел да му вдахне доверба.
Лицето му светеше кога зборуваше за својата прва вистинска исповед.
Велеше дека изгубил чувство за времето. Не ни забележал колку часови траела, но потоа навистина се чувствувал како да лета.
Сликовито велеше:
„Исфрлив од себе цели камиони со шут“.
Колку се потешки беззаконијата, толку е поголема радоста поради враќањето.
Зар тогаш е време за укори и совети?
Човекот што се исповедал повторно се родил и се чувствува ранлив како новороденче во мигот на своето раѓање. Му треба грижа, охрабрување, нежен поглед.
Му треба да биде повикан да седне на трпезата на која е заклано „угоеното теле“.
Зар токму тогаш е вистинскиот миг да му кажеме да стои далеку од Чашата на Животот?
Ќе го казниме ли затоа што доцна ја вкусил воскресенската радост?
Честопати сум ја доживувал тегобата на сите оние чесни свештеници кои се прашуваат дали снисходењето со кое постапуваат при исповедта е исправно, или можеби претеруваат во својата грижа за луѓето.
Но никогаш не сум сретнал слична загриженост кај свештениците кои се склони да бидат судии и да им наметнуваат вина на своите ближни поради нивните слабости.

Тие се сосема сигурни дека постапуваат правилно, па дури сметаат дека треба да бидат уште построги и повеќе да казнуваат.
Како ли се појавиле толку „старозаветни“ свештеници, кога секојдневно во Христовото Евангелие читаат:
„Зашто не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам светот“ (Јован 12,47)?
Расудувањето не се состои во попустливоста на духовникот, туку во свеста дека пред него не стои само уште еден човек, туку единствена и неповторлива личност — икона Божја која бара да биде обновена.
Расудување е да ја осознаеш сопствената неспособност вистински да се сретнеш со лицето на другиот, без да го сместиш во категориите што веќе ги носиш во себе.
Расудување е да го ограничиш својот егоизам, кој лесно има мислење за сè, и да се обидеш да го разбереш она што те надминува.
Расудување е да го надминеш тесното и бедно религиозно сфаќање и да стекнеш вера која ќе може да го прегрне и оној што се исповеда, а со кого ти е тешко.
Расудување е истите симптоми да не ги толкуваш секогаш на ист начин, туку да ги бараш различните причини што ги предизвикале.
Расудување е да не ги потиснуваш симптомите со „лекувања“ што го потиснуваат целиот човек.
Расудување е да откриваш нови патеки што дотогаш не си ги познавал, за да можеш да го сретнеш човекот што страда.
Расудување е да не го обвинуваш оној што се исповеда, но ниту лажно да го успокојуваш.
Расудување е да бидеш строг, а од тебе да зрачи кротост.
Расудување е да бидеш нежен, а притоа да раѓаш чувство на одговорност.
И, конечно, расудување е да станеш ученик на начинот на кој Исус му пристапуваше исцелително на секој човек, без оглед на неговата болест.
Димитри Карајанис, извадок од негов текст во колективниот зборник
„Светлината што ослободува“
Издание на „Ен Пло“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев