Кога не постои жива и здрава врска со Христос…

Spread the love

Loading

Архимандрит Павлос Пападопулос

Кога не постои жива и здрава врска со Христос, душата лесно почнува да се исполнува со стравови, предрасуди и суеверија — сфаќања што навидум ѝ даваат сигурност, но во суштина ја држат заробена.

Човекот почнува да се плаши од сè. Дали направил нешто погрешно, дали кажал нешто што не требало, дали нешто ќе го „снајде“, дали некој знак навестува нешто лошо, дали Бог ќе го казни. И без да забележи, наместо да живее во Божјото присуство, почнува да живее во постојана вознемиреност пред Бога.

Но тоа не е Христовата слобода.

Тоа е бескрајно чувство на вина, кое го поробува човекот во една болна религиозност, во надворешна „пристојност“ и морализирање.

Верата што се раѓа од страв не ѝ дозволува на душата да дише. Ја прави сомничaва, исплашена, заробена во форми, во „мора“, во забрани и во надворешни знаци. Човекот престанува да гледа на Бога како на Отец и почнува да Го гледа како строг надзорник, кој само чека да направи грешка.

Но Христос не дојде за да нè направи исплашени луѓе. Дојде за да нè ослободи.

Вистинската врска со Него те прави повистински. Не бара од тебе да го криеш она што си, туку да го исцелиш она што во тебе не е вистинско и да расцветаш како човекот што навистина можеш да станеш.

На Божјата љубов не ѝ се потребни предрасуди за да опстои. Не ѝ се потребни суеверија. Не е потребно секој настан да го толкуваш како закана или казна.

Зашто, каде што е Христос, таму нема потреба да живееш во страв.

Има простор да ѝ се радуваш на животот.
Да се смееш.
Да љубиш.
Да погрешиш и повторно да станеш.
Да бидеш она што си, без да играш некаква улога за да докажеш дека си „добар“.
Да стоиш пред Бога таков каков што си — без маски, без страв дека можеби не си достоен.

Суштината е човекот да премине од: „Се плашам дека Бог ќе ме казни“, кон: „Имам доверба дека Бог ме љуби“.

И кога човекот навистина ќе ја спознае Христовата љубов, тогаш малку по малку престанува насекаде да бара знаци од кои ќе се плаши, и почнува насекаде да гледа поводи да љуби, да расте, да чувствува, да Го славослови Бога, да се смирува, да се надева, да учи, да живее.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!