Желбата се раѓа само во лишувањето

Spread the love

Loading

Димитрис Карајанис, психолог

Моментите кога детето бара нешто се пресудни. Кога ќе рече: „Вода!“, а ти веднаш ќе потрчаш да му дадеш, тоа е како да си му удрил шлаканица.

Зборуваме за злоупотреба на децата, а истовремено ја промашуваме нејзината суштина. Злоупотреба е и да му велиш „да“ за сè. Прво нему да му го сервираш јадењето. Да јаде само, затоа што не може да ги почека другите. Да му даваш нешто уште пред да го побара.

Тоа, кога детето треба да каже „те молам“ не е само формална учтивост. Тоа е време на чекање помеѓу она што му недостига и она што доаѓа. Тоа е почитување на односот.

А „благодарам“ не е само возвраќање; тоа е потврда дека односот навистина се случил.

Кога и родителот му вели на детето „те молам“ и „благодарам“, тогаш се создава нешто единствено: еден евхаристиски (благодарствен) простор. Една мала духовна клима на која не може да ѝ се закани никаква дигитална алатка, затоа што таа е проживеана, таа е животно искуство.

Во нашево време се случува уништување на тој волшебен свет на децата. Им ја крадеме желбата.

Не така што им велиме дека не постои Дедо Мраз, туку така што им го носиме секоја седмица.

Децата секој викенд одат на две-три забави. Родителите постојано купуваат подароци — не само за детето што слави роденден, туку и за неговите браќа и сестри, за пријателите… А славеникот, пак, им дава подароци на гостите.

Што значи тоа?

Едно непрестајно поткупување.

Но поткупување поради какво чувство на вина? Можеби поради тоа што избегнуваме вистински да им се посветиме?

Им ја крадеме можноста да посакуваат.

Желбата се раѓа само во лишувањето. Ако нема лишување, нема вистинска желба. Ако нема тешкотија, нема ниту откривање.

Создавањето траума денес не се однесува само на строгоста или казнувањето, туку и на оваа нарцисоидна повреда: на детето да му ја одземеме можноста самото да биде творец на својата радост — играјќи си со земја, со вода, создавајќи со својата фантазија.

Од штипките за алишта да направи суперхерои, војски, вселенски бродови…

Наместо тоа, му даваме готови предмети, премногу разработени, со однапред сосема јасно определена форма.

И бидејќи му го одземаме просторот за фантазија, детето оди уште подалеку — кон митовите, чудовиштата, суштествата што не постојат.

И на крајот, самите го испраќаме пред екранот на мобилниот телефон и таблетот.

Димитри Карајанис: „Загатката на човековото постоење“
Издание на „Армос“

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!