![]()
Еднаш бевме со неколку поклоници кај старец Пајсиј, и еден од нив го праша:
„Старче, грев ли е пушењето?“
А старецот со добрина му одговори:
„Чедо, а добродетел ли е?“
Ниту го осуди, ниту го искара. Едноставно и убаво, со добро срце, му ја пренесе пораката.
Пред неколку седмици слушнав нешто многу утешително за нашево време. За среќа, и денес постојат пастири кои се подготвени да ги жртвуваат својот углед и доброто име во очите на „побожните“ чувари на Законот – заради спасението на своето стадо. Пастири со срце. Со срце кое љуби и кое го надминува надворешниот пристоен изглед и формализмот.
Еден епископ, на свештеничко собрание, обраќајќи им се на духовниците од својата епархија, им го рекол следново:
„Отци, оние што ќе го пречекорат прагот на исповедалницата, не лишувајте ги од Светата Причест. Треба да ги надминеме готовите ,рецепти‘ на религиозниот живот. Она што навистина е потребно е да се љубиме еден со друг, да имаме вистински односи меѓу себе и вистински однос со Бога.

Многупати на малите деца, кои ни се толку мили, им велиме: ,Ќе те изедам!‘ Што значи тоа? Тоа е израз на најголема љубов и нежност. А на Бога, Кој во Светата Евхаристија ни се дава Себеси да Го примиме, ние Му го вртиме грбот затоа што не љубиме, затоа што нашето срце не е отворено да Го прими Оној Кој безмерно ги љуби нашите души.
Секако, христијаните имаат и оправдување, затоа што ние така ги учиме. Ние им го затвораме срцето. Ги одвраќаме од суштинскиот однос со Христос – од причестувањето со Неговото Тело и Крв – поставувајќи им пречки да Го живеат Христос.
Верувам дека, под влијание на западните христијани, кои, сакајќи да им дадат поголемо значење на своите клирици, престанале да им ги даваат на верните и Телото и Крвта, туку само хостијата, и кои го сметале благословот на свештеникот пред Светата Причест – преку таканаречената задолжителна исповед – за неопходен предуслов и начин за надзор над верните, и ние православните стигнавме дотаму да се одрекуваме од сопственото Предание, како и во многу други нешта, но особено во однос на нашето учество во Чашата на Животот. А тоа ни одговара во онаа религиозност на која ја сведовме нашата вера.
Го исповедаме она за што се каеме. Но покајанието не е едноставно жалење поради нашите грешки.
Свети Антониј, повторно во Старечникот, вели: ,Не жали за она што веќе поминало‘.
А благодатниот отец Порфириј велеше: ,Не занимавајте се со своите гревови, туку бидете свртени кон љубовта Христова‘.
Тоа се зборови што ги кажал и апостолот на народите: ,Заборавајќи го она што е зад мене, а стремејќи се кон она што е пред мене‘.
Не одиме на исповед затоа што дошол голем празник на кој, по навика, се причестуваме. Тајната на покајанието не треба механички да се врзува со Светата Причест.
Христијанинот кој има срце секогаш е буден, секогаш е во трезвеност. Првото за што се моли свештеникот по осветувањето на Чесните Дарови е: ,за трезвеност на душата‘. Трезвеноста значи духовна будност. Потоа продолжува: ,за простување на гревовите, за заедница со Светиот Дух…‘ и така натаму.
Трезвеноста го чува нашето срце отворено за Христос. И бараме прошка затоа што со своите гревови Го нажалуваме, затоа што се нарушува нашиот однос со Христос – иако Тој, секако, никогаш не престанува да нè љуби како и порано – и животот продолжува.
Ќе исповедаме некои потешки работи. Не се потребни ниту детали, ниту психоанализи. На Бога Му се исповедаме преку свештеникот.
Сите христијани кои се на Светата Литургија треба да се причестуваат. Оние што имаат ,правило‘, односно епитимија за непричестување, нека останат во припратата со покајание, како во старите времиња.
Како што во првите апостолски времиња Светата Евхаристија се извршувала по заедничките трпези – агапите – и сите се причестувале, така треба да биде и денес. Ако не се причестуваме на Светата Литургија, тогаш зошто присуствуваме во храмот?
Зависноста од мислењето на духовниците многупати произлегува од нашата потреба некој друг да ја преземе нашата ,одговорност‘, затоа што срцето ни е затворено за љубовта Христова. Тоа се болни состојби.
Секако, сето ова можеби некому ќе му изгледа крајно, но – ,кој има срце…‘
Ќе го завршам ова слово со еден попрактичен и поприземен пример.
Пред две години бевме со нашиот владика и со неколку свештеномонаси во епископијата на Самотраки. Со нас беше и еден парохиски свештеник од нашата Митрополија, заедно со својата презвитера.
Во еден момент владиката отиде да разговара на телефон, а тој свештеник ме праша:
„Отче Макариј, како можеме да се спасиме?“
Му одговорив:
„Отче, ако продолжиш да ја држиш раката на својата презвитера со истата нежност со која ја држеше вчера кога излеговме на прошетка, биди уверен дека Бог ќе ве спаси“.
Да посакаме нашето срце да дејствува и духовно, а не само за да испумпува крв низ нашето тело.
Јеромонах Макариј
Старец на свештената хиландарска ќелија „Рождество на Пресвета Богородица – Маруда“, Света Гора
Од книгата: „Од Маруда – пелтечења“ („Ἐκ Μαρούδα Ψελλίσματα“)
Издание на Светата Митрополија Александруполска.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев