Болката во животот

Spread the love

Loading

„Тоа е факт. Животот е исполнет со болка. Со векови човекот ја носи болката во себе и околу себе. Се обидува да ѝ се приближи и да ја праша што сака и што бара, разговара со неа и ги извлекува неопходните заклучоци.

Што е болката? Телесната болка, се чини, е предупредување. Ме боли раката, ме боли срцето, ме боли главата, ме боли… Човекот оди на лекар, а лекарот му дава лек за да се излекува. Значи ли тоа дека болката е предупредување, за човекот навреме да спречи нешто? Не секогаш, бидејќи има и болки што доаѓаат заедно со смртта, и тогаш болката не е предупредување.

Што е болката? Постои и душевна болка. Ме боли несреќата на другите, но и мојата сопствена. Ме боли болеста, материјалната немаштија, смртта, неправдите, прогонствата, сиромаштијата, оскудицата, невработеноста, долговите, судовите, затворот, земјотресите, наркотиците…

Што е болката? Ме боли моралното зло што го гледам околу себе и во себе; ме боли злото што се шири преку телевизијата, радиото, дневниот и периодичниот печат и преку толку многу други нешта. Ме болат младите што пропаѓаат, семејствата што се распаѓаат; ме боли ширењето на гревот. „Да исчезнат грешниците од земјата и беззакониците, та да ги нема повеќе“ (Псал. 103, 35)…

Ме боли гревот што го носам во себе со векови, уште откако Бог му рече на Адам: „Со мака ќе се храниш од неа [земјата] во сите денови од животот свој“ (1.Мој. 3,17). Со маки, со болести, таги, смрт, природни несреќи, лишувања и грижи ќе го стекнуваш својот леб од земјата во сите денови од својот живот.

Оттогаш – да, токму оттогаш – болката е насекаде. Таа е како влага што проникнува во сè, а не се гледа. Не е дожд, не е силен ветер; таа е влага што го овенува и го изнемоштува човекот. Човекот тоа го чувствува непосредно – дури и најлошиот, најнечувствителниот и најзакоравениот човек. Во мигот кога ќе почувствува дека болката го удрила во срцето, тој страда длабоко и тогаш, барем до извесна мера, се очистува дури и најбезбожниот меѓу луѓето.

Да, човекот се чуди и се замислува пред болката. Оди во болниците, на гробиштата, во затворите, во старечките домови, влегува во домовите на луѓето – и никаде болката не завршува. Никаде. Болката го продолжува своето дело.

И се раѓа прашањето: Зошто толку многу болка?

И колку повеќе човекот се обидува со својот разум да ја разреши тајната на болката, толку појасно станува дека таа не е тајна на човекот, ниту на неговата логика, туку Божја тајна.

Кој ќе ни зборува за оваа тајна? Кој ќе ни одговори на толкуте „зошто“?

Одговор ни дава една надгробна песна, испишана на гробот на едно осумгодишно дете. Ја напишал неговиот татко:

„И ми велеше: ,Зошто ме боли, татко?‘
А јас немав вистински одговор
што да ти го дадам.

Сега си ангелче пред
престолот Божји.
Наведни се и прашај Го.
Она што Тој ќе ти го каже –
тоа е вистинскиот одговор“.

Ожалостениот татко го открива решението: „Наведни се и прашај Го Бога“.

Прашајте ги мачениците. Прашајте ја целомудрената Сузана, Даниил во лавовската јама, Тројцата Момчиња во огнената печка, светиот првомаченик Стефан. За Стефан крајот на болката е Бог.

Разрешувањето на тајната на болката е човекот да Му се приближи на Бога.

Болката го воспитува човекот за вечноста. Зошто? Затоа што болката го чува човекот и душевно и духовно; на наједноставен начин му покажува колку е немоќен и дека е минлив во овој живот. И тогаш – о, токму тогаш – човекот се свртува кон Бога, стекнува вера и послушност кон Него.

Болката во себе има сила, и со таа сила удира во совеста на човекот и во него раѓа духовен немир и копнеж по нешто што го надминува овој свет.

Сè што денес во светот е големо – како книжевно дело, како музика, како општествено служење на оние што страдаат и се во неволја – го создале луѓе кои преку болката Му се приближиле на Бога и надвор го принеле она што го почувствувале во својата внатрешност: дарот на Бога Утешителот.

Сега, како луѓе што ја познале болката, како луѓе преродени преку страдањето што го искусиле во сопствената душа, тие им служат на другите. Како професионалци, научници и родители им се принесуваат себеси и им сострадуваат на своите ближни во нивната болка. Во лицето на страдалниот човек Го гледаат Христос.

Болката во себе крие нешто големо и свето.

Да ја земеме во раце книгата на болката – Книгата за Јов. Да ја прочитаме внимателно. Да ја проучуваме. Таму ќе го видиме чудото на болката.

Јов, зад ударите на страдањето, го гледал великиот Божји план. Го гледал величието Божјо. Величието на болката. Нејзината духовна и вечна димензија.

И на многу начини посведочил дека болката е Божја педагогија, Божји план. Таа е Божја љубов.

Зошто? Затоа што Бог му го даде на човекот рајот, а човекот си замина од рајот. И преку болката Бог сака човекот повторно да се врати во рајот.

Бог ја допушти болката за човекот, затоа што и таа е израз на Божјата љубов кон него. Таа е откривање на Божјата тајна за човекот – Неговата љубов, која се јавува и во облик на страдање.

„Болката повторно нè соединува со Бога“, секако, доколку душата не закоравела и сè уште е приемчива за спасението“.

Списание „Спасител“ („Ο Σωτήρ“)

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!