![]()
Митрополит Антониј Сурошки
Во Евангелието открив нешто што целосно го промени мојот однос кон луѓето, а имено: дека Бог е Творец на сите и дека сите ги создал од љубов, повикувајќи ги сите да Го познаат, да го споделат со Него Неговиот живот и да станат Негови деца.
И се сеќавам како следното утро излегов на улица, каде што порано околу себе гледав само можни непријатели и потенцијална опасност. Го гледав секое лице и ми доаѓаше на секого да му извикам:
„Знаеш ли дека Бог те создал од љубов? Знаеш ли дека Тој те љуби? Знаеш ли дека сите ние меѓусебно сме браќа и сестри? И можеш да правиш со мене што сакаш, можеш да ме измачуваш, да ме прогонуваш, да ме лишиш од сè – јас сепак ќе те љубам, затоа што сега знам кој си ти…“
Тоа беше моето прво откритие.
Второто откритие дојде малку подоцна, кога во Евангелието според Лука ја прочитав приказната за блудниот син. Во неа ме порази тоа со каква почит Бог се однесува кон човекот: човекот за Него не е роб, не е слуга; тој Му е свој, роден. И Бог не се согласува со нас да воспостави однос што би бил понизок од рамноправноста – секако, онаа рамноправност што може да постои меѓу Бог и човекот. Но Тој нè повикува да бидеме Негови синови и ќерки, рамни со Него…

И третото што го открив беше дека Божјата љубов не запира пред ништо. Бог, од љубов кон нас, знаејќи дека ние не можеме да се воздигнеме „во далечните предели“, како што вели Пушкин, односно да се искачиме до Него, може Самиот да слезе до нас, да стане човек, да ја сподели со нас сета наша човечка судбина, вклучително и ужасот на богооставеноста, чувството дека сме Го изгубиле Бога, па дури и да умре од тоа – само за да не се одврати од нас и да не се раздели од нас.
И мислам дека токму врз овие три сознанија е изграден мојот поглед кон животот и светот.
Не кажав ништо за Воскресението, затоа што моето првично искуство на живиот Христос беше токму искуство на воскреснатиот Христос; а во тоа искуство се содржи увереноста дека сè останато е вистина.
Во спомен на митрополитот Антониј Сурошки
„Без белешки“ – интервју за руската програма на Би-Би-Си, 1980 година.
Превод од руски: Свештеник Јани Мулев