![]()
Монах Михаил
Крстот, без сомнение, значи тага и страдање. Но кога оваа тага ја доживуваме како духовен настан во нашиот живот и се трудиме во неа да Го внесеме Бога, тогаш, на еден чудесен и необјаснив начин, тагата која дотогаш ни создавала умор и потиштеност, со Божјата интервенција почнува да се преобразува; срцето почнува да се засладува и во него се раѓаат оптимизам и надеж, кои произлегуваат од довербата во Бога.
Оваа состојба светите отци ја нарекуваат радосна тага; а рамнотежата што ја изразува овој навидум противречен збор — радост и тага — ја сметаат за неопходен предуслов за развојот на секоја здрава духовна појава, но и за знак на нејзината автентичност. Тешко нам ако нашиот духовен подвиг не е придружуван од оваа рамнотежа. Тогаш тагата преовладува, душевната рамнотежа се нарушува, а срцето се труе со меланхолија и очај.
Шмеман, даровит руски богослов од дијаспората, има кажано една силна забелешка:
„Од сè што атеистите кажале против Црквата и против Бога, Ниче го кажал најстрашното: ,Ако погледнеш внимателно, ќе видиш дека христијаните немаат радост‘. Тоа беше најлошото што можеше да се каже за Црквата“.

За да бидеме праведни дури и кон оној што не е во право, мораме да признаеме дека Ниче, во голема мера, кажал една вистина. Не знам како успеавме толку да ја натежнеме нашата црковна атмосфера, што меланхолијата и мрачноста постојано висат над црковниот простор, а полесната или потешката потиштеност на христијанинот-подвижник да се смета за главен знак на автентичноста на неговиот духовен живот. Колку е поголем подвигот на христијанинот, колку пожестоко се бори против ѓаволот, толку повеќе станува ненасмеан, тежок и потиштен.
Ова, секако, е духовен пад и покажува само едно: дека христијанинот-подвижник сè уште не Го внел Бога во својот живот и дека неговиот егоизам е главниот извор на неговата инспирација и сила. Тажните христијани Го нажалуваат Бога — и затоа што не Му дозволуваат да го изврши Своето дело во нив, но и затоа што стануваат повод непријателите да Го клеветат.
Неопходниот предуслов Светиот Дух да направи нешто во човечкото срце е онаа радосна тага за која зборуваат отците; односно, заедно со трудот и болката на нашиот духовен подвиг, во нас постојано да постои и Христовата радост.
Без разлика дали се трудиме да се покаеме за своите гревови, или преку подвигот сакаме да ги скротиме своите страсти, а особено кога навечер смирено ја кажуваме нашата молитва или преку ден ја кажуваме Исусовата молитва — за она што го правиме да не остане само обичен човечки напор, Светиот Дух треба да го објавува Своето присуство во нашиот живот, засладувајќи го и радувајќи го нашето срце и вдахновувајќи го да продолжи по својот пат.
Тоа е сигурниот знак дека нашиот духовен труд нема да остане на земјата, туку ќе стигне до Оној кон Кого е упатен — до Бога.
Затоа, кога ќе сретнеме сериозен и ненасмеан христијанин, тежок и неподнослив поради својот голем аскетски подвиг, треба да се запрашаме: да не страда, кутриот, од некаква душевна празнина, па за неговата потиштеност да не е виновен сиротиот Христос?
Да се потсетиме дека свети Петар Дамаскин, набројувајќи ги гревовите со кои треба да се бори христијанинот-подвижник, ја вбројува и претераната сериозност. Причината е што таквата сериозност е или лицемерие и лажна претстава за себе, или душевна тежина што произлегува од нескротен егоизам, кој на крајот го крши оној што го носи.
Оној што едноставно и природно стои пред Бога и смирено си ја кажува својата молитва, веднаш влегува во таинствениот простор и начин на Божјото дејствување, и една таинствена сила се пренесува во срцето што се моли; сила која не само што му е доволна за секојдневниот живот, туку го ослободува и од потиштеноста, од мрачната сериозност и од другите слични гревови.
Извор: Монах Михаил: „Слова на еден монах IV“ — Издание „Доркас“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев