![]()
Димитрис Карајанис, психолог
Верата е способност да се препознава и она што не е површински видливо. Нејзина одлика е вдахновението. Таа се вдахновува од она што го надминува секојдневното и, преку тоа надминување, го вдахновува и самиот секојдневен живот. Оние што веруваат се луѓе кои имаат сигурност дека можат да ги променат, па дури и да ги превртат настаните, затоа што имаат поинакви критериуми за тоа што навистина вреди во животот. Затоа, тие не бараат обезбедување на сопствената индивидуалност.
Религијата е човечка творба создадена за луѓето да можат да се справат со стравот од смртта. Среде грижите и несигурностите на секојдневието, пред егзистенцијалната неизвесност и стравот од претстојната смрт, човекот бара потпора, начин да ја поднесе тешката реалност, а тоа го наоѓа преку религијата. Затоа народите создаваат религии што ги одразуваат нивните сопствени особености.
Постојат и религии без бог. Комунизмот, на пример. Постоело повисоко и пониско свештенство — номенклатурата. Постоело и „Свето Писмо“, а тоа бил „Капиталот“ на Маркс. Постоел и „патријархот“ Ленин. Постоеле обреди, празници, годишнината од револуцијата, Први мај.

Како што и во капитализмот постои религијата на „пазарот“. Таму „свети“ текстови се списанијата и интернет-страниците што ја одредуваат модата и потрошувачката.
Рекламирањето што ја поттикнува потрошувачката навлегува во сите облици на масовната комуникација… Не е потребно да го читаш Кејнс. Го читаш Marie Claire или безгрижно прелистуваш на TikTok и Instagram.
Следбениците на религијата на потрошувачката сè повеќе личат едни на други, бидејќи естетските интервенции ги израмнуваат личните идентитети. Свештеници овде се инфлуенсерите. Има и храмови: фитнес-салите и центрите за убавина.
Во капитализмот, религија е потрошувачката. И таму, како и во секоја друга религија, присутен е стравот од смртта. Потрошувачката станува начин да се заборави сопственото исчезнување. Кога ќе дојде шокот, решението е да одиш и нешто да купиш, да трошиш.
Слоганот е: „да си поминуваш убаво“.
Но тоа, всушност, е длабоко депресивно. Зашто „да си поминуваш убаво“ значи да се одвлекуваш од суштинското, да не се сеќаваш, да не размислуваш, да не се соочуваш со времето. […]
Забавата е бегство од тешкотиите и, според тоа, спротивност на мислењето и критичкото преиспитување, кои во современото време се третираат како опасни ереси…
Извор: „Загатката на човечкото постоење“, издавачка куќа „Армос“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев