![]()
Вечерва некој ќе го положи своето изморено тело на една клупа, барајќи малку топлина среде студот; а ние, можеби, негодуваме затоа што нашата постела не е толку удобна колку што би сакале.
Некој со трепет очекува добра дијагноза, задржувајќи го здивот пред болничката врата; а ние се жалиме затоа што денот ни бил тежок и заморен.
Некој би дал сè само уште еднаш да го слушне гласот на саканиот човек кој си заминал од овој живот; а ние дозволуваме денот да помине без да им кажеме: „Те сакам“, „Прости ми“, „Ти благодарам“ на оние што сè уште се покрај нас.
Некој бара работа и се грижи за утрешниот леб на своето семејство; а ние роптаме затоа што работата нè изморува.
Некој копнее да го прегрне своето дете, но не може; а ние толку многу се навикнавме на секојдневните прегратки, што заборавивме дека тие се бесценети дарови, а не нешто што само по себе ни припаѓа.
Не за да ја споредуваш својата болка со болката на другите. Секој човек носи крст чија целосна тежина ја знае само Бог. Туку за да не заборавиш, среде своите искушенија, на сето она што Божјата добрина и понатаму тивко го положува на твојот пат.

Дом што те очекува. Чинија храна. Човек што се моли за тебе. Две очи што се отвораат наутро. Уште еден ден за покајание. Уште една можност да љубиш, да простиш и да Му се вратиш на Бога.
Човекот честопати има горчлива навика да го пребројува она што му недостига, а да го превидува она што му е подарено. Гледа во една затворена врата, а ги заборава прозорците низ кои сè уште продира Божјата светлина.
Благодарноста не значи дека нашиот живот е лесен или дека не чувствуваме болка. Не значи дека ги одрекуваме солзите, болестите, загубите и тагите. Тоа значи дека, дури и среде ноќта, го забележуваме малото кандило што Божјата Промисла го оставила запалено.
Значи дека не му дозволуваме на искушението да нè натера да Го заборавиме Добротворот.
„За сè благодарете, зашто тоа е волјата Божја“, ни заповеда апостолот. Не само во деновите на радост, туку и во часовите кога умот не разбира, а срцето тешко го поднесува товарот.
Неблагодарноста ја помрачува душата, раѓа роптање и прави дури и големите дарови да изгледаат мали. Благодарноста, пак, го омекнува срцето, го просветлува умот и го преобразува она што го имаме во духовно богатство.
Зашто вистински богат не е оној што стекнал најмногу, туку оној што знае од Кого го примил и најмалото. Оној што ништо не смета за нешто што му следува само по себе и зад секое добротворство ја гледа Божјата милост.
Затоа, да не чекаме да изгубиме нешто за да ја разбереме неговата вредност. Да ги прегрнеме денес нашите ближни. Да го кажеме добриот збор што постојано го одложуваме. Да побараме прошка. Да благодариме за лебот, за покривот над главата, за здивот, за секој мал и голем благослов.
А кога ќе дојде ноќта, пред да ги затвориме очите, да му дозволиме на срцето со вера, смирение и доверба тивко да прошепоти:
„Слава Ти, Боже, за сè.
Слава Ти за сè што ми подари.
Слава Ти и за сè што допушти.
Слава Ти за сè“.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев