![]()
Отец Николае Штајнхарт
Заблудата дека верата нѐ поштедува од бурата на искушенијата…
Не. Напротив.
Пустинските отци велат: На влезот во едно село населено со зли луѓе стојат два демона, а околу еден манастир со благочестиви монаси, кои се стремат кон совршенство, стојат две илјади демони.
Заблудата дека верата ќе нѐ поштеди од болести или дека не ни се потребни лекари и лекарства, бидејќи само молитвата секогаш може да нѐ исцели…
Таквото верување не се разликува од искушувањето на Бога преку барање чудо. Тоа е и знак на недостиг од смирение.
И лекарите и лекарствата се дарови од Бога. Кога верникот ќе се разболи, како и секој друг човек, тој се лекува како и сите други — со помош на лекар и лекарства.
Бог, секако, прави чуда, но тогаш кога е Негова волја.
Заблудата дека верата ги прави непотребни обичните човечки добродетели…

Мудроста, здравото расудување, самостојното одлучување, истрајноста… На верникот тие му се потребни исто колку и на секој друг човек.
Верата ни помага, нѐ зајакнува, нѐ издигнува и нѐ исполнува со радост, но таа не ги заменува нашите човечки добродетели и способности.
Таа ни дарува вистинска среќа, но во односот кон светот и кон другите луѓе не само што не ни дава никакви посебни привилегии, туку врз нас полага уште поголеми одговорности.
Заблудата дека можеме да добиеме сѐ, во секое време и без никаков труд…
Не.
Преку молитвата можеме да ги примиме даровите на Светиот Дух. Но она што ѝ припаѓа на нашата човечка природа и зависи од нашите ограничени способности, мора да го стекнеме на вообичаен начин — со труд и залагање.
Во тоа е смислата на поговорката:
„Бог ти помага, но не ти става во торбата“.
Во Делата на светите апостоли, ангелот му ги отвора затворските врати на апостол Петар и го ослободува од оковите, бидејќи тоа биле нешта што Петар не можел самиот да ги направи.
Но ангелот истовремено му заповеда:
„Обуј ги своите сандали… Наметни ја својата наметка“.
Тоа биле нешта што Петар можел самиот да ги направи, па затоа било потребно да ги направи со своите раце.
Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев