![]()
- Не занимавајте се со својот живот – занимавајте се со туѓиот. Жртвувајте се за некого, и тоа, по можност, правете го ревносно, целосно заборавајќи на себеси.
- Никако не изразувајте ги своите чувства. Особено лутината. Тоа не е убаво. Само лошите луѓе се лутат.
- Секогаш правете го она што мора и што треба – особено она што му е потребно на некој друг! Најдобро е притоа да изберете нешто поголемо и посериозно. Да имате паричен долг, кредит или хипотека е премногу ситно. Подобро е цел живот да ѝ должите нешто на мајка ви или на своите деца.
- Не припишувајте си ги на себеси сопствените достигнувања. Тоа е премногу ситничаво. Критикувајте се, бидете незадоволни од себеси и од сè што правите. Бидете перфекционист чии барања е невозможно да се исполнат. Сè што веќе сте постигнале фрлете го во корпа. Тоа веќе сте го направиле – зошто би се гордееле и би му се радувале, кога секогаш може да биде подобро? Совршенството нема граници, па затоа никогаш нема да го достигнете. Но секогаш морате да правите сè за да му се приближите. Трошете што повеќе сили на тоа. Не штедете се.
- Што почесто чувствувајте се виновни. Вие, сепак, можете ненамерно да повредите некого, зар не? Не намерно, се разбира, но можете. Денес сте одбиле еден пријател. Тој секогаш барал од вас да го пречекате среде ноќ на аеродром и вие секогаш сте се согласувале. А денес сте го одбиле затоа што имате страшен грип и едвај издржувате и на работа. Погледнете само колку се вознемирил! А зошто? Поради вас! Извинувајте се што почесто и за сè. Вие сте виновни, дури и кога многу се трудите сè да направите како што треба. Ете, на пример, денес сте заземале место во метрото, сте дишеле таму, а и без вас било задушливо. Колку е тоа лошо! Засрамете се.

- Никогаш не заземајте никаков став. Најдобро е воопшто да немате свое мислење.
- Редовно размислувајте за тоа како ве оценуваат другите луѓе. Направете сè за да се гордеат со вас! Исполнете ги нивните очекувања.
- Преземајте што повеќе одговорности. Бидете одговорни за сите проекти на работа, за здравјето на сосетката, за тоа дали сопругот утрово облекол чиста кошула, со кого се дружи вашето дете, со кого спие вашата пријателка, дали татко ви навечер го испил лекот, дали на сите ваши колеги во канцеларијата им е топло или студено и, се разбира, за расположението на вашиот претпоставен. И, нормално, не можете мирно да спиете додека децата во Хондурас гладуваат.
- Никако не обидувајте се да се заштитите себеси или своите интереси! Освен, можеби, кога ви е неопходно да се почувствувате виновни… Но инаку, никако! Ако во метрото ве допира и ве пипка поднапиен маж, не помислувајте да се побуните или да се тргнете. Запомнете дека тој е само сексуално незадоволен и дека, можеби, токму вие можете да му помогнете! Останете во заднина и никако не привлекувајте внимание.
- И најважното: не заборавајте дека може да се случи сè и сешто! Светот е полн со опасности, луѓето не се благонаклонети кон вас, а вие допрва треба да ги заслужите нивната љубов и добриот однос. Насекаде има манијаци и убијци, светот е непредвидлив и ништо од ова нема да заврши добро.
Затоа, планирајте, контролирајте и организирајте сè што е можно повнимателно. Секогаш бидете на штрек! Секогаш предвидувајте го најлошото – така сигурно нема да погрешите. Не смејте се премногу, зашто утре ќе плачете. Најдобро е воопшто да не се смеете.
Ирина Млодик
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев