Немаме време за губење

Spread the love

Loading

о. Спиридон Скутис

Тргни на патувањето на радоста, благодарноста и славословието…

Биди пчела, а не мува. Посетувај ги цвеќињата, а не отпадот.

Не настојувај да правиш нешта што само ги посакуваш, но за кои едноставно не си создаден. Не обидувај се егоистично да ги преминеш сопствените црвени линии, зашто скапо ќе платиш, а таа цена честопати е неповратна.

Не си за сè. Немаш сила и способности за сè, а понекогаш дури ни за најосновното. Не обидувај се насила да вметнеш делче од сложувалката таму каде што не припаѓа. Ќе се растури целата слика.

Едно е да бидеш слаб и да се бориш за да стекнеш сила, а сосема друго е да не можеш нешто, бидејќи ги немаш потребните способности.

Не обидувај се да достигнеш никого. Не вели: „Јас на негово место би го направил тоа подобро!“ Не обидувај се никому ништо да докажуваш. Кога не си во чевлите на другиот, не осудувај ги неговите чекори, бидејќи не знаеш какви болки поднесува.

Затоа, нема причина…

Колку повеќе старееш, толку почесто ќе ја изговараш оваа реченица. Со годините почнуваш да бараш квалитет и во минутите од секојдневието и во своите избори. Длабоко во себе знаеш дека времето притиска и дека сега има огромна вредност. Не фрлај го во отпад.

Биди пребирлив, брате мој. Немаме време за губење — ниту со луѓе, ниту со нешта што не ни се полезни, а ги правиме само поради тоа „што ќе рече светот“.

Не чувствувај потреба од телефонски повици и аплаузи. Ако другиот сака — добро. Ако не сака — не е важно, продолжуваме понатаму.

Остави ги роднините и пријателите да зборуваат. Оди по својот пат тивко и продолжи напред, без да полагаш сметка пред никого. Нема потреба.

Рековме: „Нема причина“.

Вистинска причина постои таму каде што е Христос. Таму каде што има љубов, насмевка, радост, благодарност, прегратка и трепет на срцето. Сè друго едноставно те „валка“.

Убаво е да бидеш со луѓе, да правиш нешта и на крајот да кажеш: „И денес се израдував!“ Колку е прекрасно!

Знај дека радоста е избор, дури и кога се наоѓаш во темнина. Некој ќе избере да остане таму, а некој друг ќе запали свеќичка.

Животот е составен од избори, управување и преобразби. Во темнината можеш да запалиш светлина, солзата да ја претвориш во насмевка, раната — во сила, а смртта — во Воскресение.

Не, тоа не можеш да го направиш сам, туку со Христовата помош.

Верувај ми, возможно е…

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!