![]()
Никита Кафкиос, психолог
Има мигови кога чувствувам замор и исцрпеност под тежината на стварноста. Однадвор можеби и понатаму живеам, зборувам, работам и ги исполнувам своите обврски, но во себе чувствувам дека нешто се истрошило. Како долго време да сум одел носејќи товар што никој не го гледа.
Тоа е оној невидлив замор што се раѓа кога долго време во себе чувам стравови, грижи, одговорности и рани што не нашле место каде да се одморат. Не ме скршува само еден конкретен настан. Ме скршува сè што се насобрало.
Сето она што сум се обидувал сам да го издржам, сето она што сум го криел зад насмевка, сето она за кое сум велел дека ќе помине, а сепак останало во мене како товар што ме влече надолу.

Се будам и, уште пред да започне денот, мојот ум веќе е исполнет со мисли. Обврските, стравовите, недовршените работи и грижите стојат пред мене уште пред да станам од постелата. Како денот да започнува со борба што не сум ја избрал. И многупати чувствувам дека не ме изморува само она што се случува околу мене, туку пред сè она што се случува во мене.
Има мигови кога дури и едноставните нешта ја губат својата живост. Како душата толку многу да се изморила, што тешко може да ја допре радоста. Како некаков невидлив превез да го покрива срцето и да создава растојание меѓу мене и светот.
А можеби најтешкото искуство е неможноста точно да објаснам што ми се случува. Не можам секогаш да ги најдам вистинските зборови. Знам само дека во мене има тежина, тивка болка и потреба да се најде место каде што конечно ќе можам слободно да дишам.
За среќа, понекогаш, ненадејно, во мене одекнуваат зборовите од Божествената Литургија: „Секоја животна грижа сега да ја одложиме“. Тоа е крикот на човекот кој сака да се ослободи од неподносливите товари на својот живот.
Како да Му велам на Бога: земи го од мене сето она што ме притиска и ме скршува. Помогни ми да го оставам она што толку цврсто го држам во себе. Не дозволувај моите стравови, грижи и рани да станат затвор за мојата душа.
Проблемите постојат.
Тешкотиите остануваат. Раните не исчезнуваат на некаков чудесен начин. Но можам да ги положам пред Бога. Можам да ги отстранам од средиштето на своето битие. Можам да престанам да им дозволувам тие да одредуваат кој сум јас.
Еден проблем може да постои надвор од мене, но не мора да го заземе целиот простор на моето срце. Не мора да стане мој идентитет.
Ова молитвено движење е проследено со длабоко ослободување. Ја празнам душата од сето она што ме ранува и создавам простор за да го примам она што ме обновува. Ја оставам потребата да имам целосна контрола над нештата и Му дозволувам на Бога да дејствува во мене.
Потоа доаѓа големиот повик: „За да Го примиме Царот на сите“, кој ја отвора перспективата на полнотата. Не е доволно од мене да си замине само она што ме оптоварува. Душата треба да се исполни со Она што ја ослободува. А повикана е да Го прими Синот и Словото на Живиот Бог, Царот на сите, во Светиот Дух.
Благодатта на Светиот Дух е дарот на Божјата радост за човекот. Таа е мирот што доаѓа таму каде што имало немир. Таа е одморот што го допира измореното срце. Тоа не значи дека сите проблеми се решени, туку дека човекот повеќе не е сам пред нив.
Ова искуство е длабоко исцелително и на душевно ниво. Повеќе не се поистоветувам со својата болка. Јас не сум мојата тага, мојот страв, мојот неуспех или моето разочарување. Ми се открива еден внатрешен простор во кој можам да дишам и со надеж да ја очекувам слободата.
Големиот повик е да научам да Му го оставам на Бога она што не можам сам да го носам. Да се испразнам од сето она што ме притиска и да се исполнам со Неговото присуство. Зашто, кога срцето се отвора за Божјата благодат, дури и најдлабоката пустина процветува и станува место на преродба, радост и мир.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев