![]()
Презвитер Емануил Кацикалакис
Не! И во нашиов век светоста продолжува да цвета. Ги имаме новите светители: Нектариј, Амфилохиј Патмоски, Пајсиј, Порфириј, Јаков Цаликис, Софија Клисурска, Лука Лекарот, Никифор Лепрозниот и многу други.
Благодатта на Светиот Дух, која „слабостите ги исцелува и недостатоците ги дополнува“, го преобразува слабиот и гревољубив човек во светител, по примерот на единствениот Свет — нашиот Господ Исус Христос.
Светоста не е некаков затворен круг на малкумина „избрани“. Таа се однесува на сите. Таа е повик упатен кон секој човек. Токму затоа во житијата и календарот на Црквата среќаваме светители од сите општествени слоеви и од најразлични професии.
Меѓу нив има цареви, како свети Константин Велики; лекари, како свети Пантелејмон; судии, како свети Дионисиј Ареопагит; советници, како свети Јосиф Ариматејски; астрономи, како тројцата мудреци; учители, како свети Амвросиј; градинари, како свети Фока; готвачи, како свети Ефросиниј; шивачи и бојаџии, како свети Менигнос; актери, како свети Порфириј, поранешниот актер; чевлари, како свети Захариј; сликари, како светиот евангелист Лука, и многу други.

За мнозина светоста останува недостижна вредност, која ја поврзуваат единствено со Бога. Но светоста е неразделно поврзана со нашиот живот, кој, дури и кога не сакаме да го признаеме тоа, се одвива во просторот и времето на Црквата.
Фактот дека секој од нас е крстен во името на Троичниот Бог значи дека е вклучен во една стварност во која постојат и можностите и средствата за приближување кон светоста. Да не забораваме дека сме создадени „според подобие“, со назначение да станеме слични на Светиот Бог.
Затоа светоста е пат по кој христијанинот е повикан да оди во текот на целиот свој земен живот, одговарајќи на повикот што Самиот Господ му го упатува:
„Бидете свети, зашто Јас сум свет“ (1.Петр 1,16).
Единствената тешкотија е човекот да се убеди себеси дека треба да ги промени своите навики и приоритети во секојдневниот живот. Треба да донесе храбра одлука да му се посвети на подвигот за ослободување од робувањето на сетилата и нагоните, а потоа без ограничувања, условувања и задршки да ја прифати Божјата волја.
Светителите што живееле во минатото немале поинакви сили и можности од нашите. Ниту времињата во кои живееле биле попогодни за достигнување на светоста од нашево време.
Тие живееле во светот, под истите морални и духовни услови како и милиони нивни современици, меѓу кои имало и милиони христијани. Но разликата била во тоа што светителите го усогласиле својот живот со Божјиот закон и не се двоумеле храбро и јавно да го исповедаат кога ќе се најделе пред тешка одлука.
Токму оваа духовна храброст е една од најголемите добродетели на светителот. Таа му дава сила сè да гледа во светлината на вечноста и од таа перспектива да ги проценува светот, неговите радости, блесоци, стремежи и суети.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев