Да ги пренесеме во себе сите светии

Spread the love

Loading

Бог, вели свети Максим Исповедник, му дал на човекот една сила:

„Да ги пренесе во себе сите светии“, односно да може во себе да ги носи сите светии на Црквата.

Значи, можеме да се натовариме со сите светии.

Како?

Преку подражавање на нивниот живот.

Она што го правеле тие, да го правиме и ние.

Да се подготвуваме да влеземе во празничниот собор на светиите. Никој од нас не треба да биде исклучен. Секој од нас — го кажавме тоа и повторно ќе го кажеме — може да биде таму, меѓу нив.

„Но, старче“, ќе ми речете, „времињата се расипаа“.

Не, времињата не се расипале. Животот отсекогаш бил таков. Потребно е само во нашето срце да го чуваме жив споменот на Христос и на светиите.

Еднаш старецот Филотеј Зервакос од Парос, свет човек, плачејќи ми раскажуваше за едно свое видение.

Бил многу загрижен. Нешто се случувало во грчкото општество, па велел:

„Како се расипа општеството! Готово е, општеството ќе пропадне…“

И така, обесхрабрен, го подигнал погледот. И што видел?

Видел неизмерна војска од светии, милиони — немале ни почеток ни крај — а пред нив стоела Пресвета Богородица. Таа ги кревала рацете кон Христос и велела:

„Овие се мои…

Те молам, сакам да ги спасиш и оние што се долу“.

Тогаш Христос ѝ рекол:

„Но, тие грешат“.

А Пресвета Богородица одговорила:

„Грешат. Но, сè додека постои Твојата милост и сè додека постојам Јас, Мајката на овие луѓе, не е можно да дозволиш тие да загинат“.

„Добро, Мајко, ќе ги спасам и нив“.

И старецот таинствено гледал како грешници постојано се придодаваат, се придодаваат, и како се појавуваат нови светии.

Да се подготвуваме, браќа мои.

Толку вредиме колку што повеќе се трудиме, колку што повеќе сме испитувани и колку што повеќе се подготвуваме да бидеме достојни образи и предобрази на Второто Христово пришествие — достојни да бидеме вброени меѓу мноштвото светии.

Архимандрит Емилијан Симонопетриски, „Празнични мистагошки слова“, стр. 339–340, издание „Индиктос“, Атина, февруари 2014 година.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!