Психотерапија и духовен живот

Spread the love

Loading

Никита Кафкиос, психолог

Психотерапијата предлага еден организиран и приземен пат на животот: самопознание и самоусовршување; негување односи што се поддржуваат и издржуваат со текот на времето; преиспитување на целите и чувство дека животот може да стане подобар. Станува збор за процес што ги почитува човечките можности и потсетува дека душевната рамнотежа се нарушува кога човек е лишен од љубов, творештво, цели и смисла.

Сепак, евангелското слово ја насочува нашата лична патека на друго ниво. Не се сосредоточува пред сè на тоа дали човекот се чувствува подобро, туку на тоа дали учи да љуби, надминувајќи ја својата егоцентричност.

Болката не се гледа како непосакувано искуство што треба да го совладаме со човечки средства, туку како предизвик за молитвена будност и духовно созревање.

Трпението не се поистоветува со пасивност, туку со активна доверба што се раѓа во искушението.

Љубовта не дејствува како емоционално искуство на блискост, туку како прифаќање на различноста и жртвено принесување. Во оваа динамика се појавува радосната тага — внатрешна состојба во која тагата не ја укинува радоста, туку ја продлабочува со смисла, бидејќи се испреплетува со неа.

Таму каде што психотерапијата зборува за напредок, зајакнување и постигнување цели, црковното предание зборува за скрушено срце во Светиот Дух. Не како поништување на себеси, туку како ослободување од потребата за постојано самопотврдување. Среќата престанува да биде резултат на вештина или контрола врз животните околности, и станува плод на учеството во благодатта. Не производ на човечка метода, туку Божји дар.

Овие два пата не се спротивставени. Тие се дополнувачки. Психотерапијата може да му помогне на човекот да застане на нозе, да ги подобри своите способности и подобро да се справува со тешкотиите на секојдневието. Духовниот живот го повикува да се надмине себеси и сè да Му довери на Бога.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!