![]()
Во еден брак, кога едниот сопружник оди во црква, се моли, духовно се подвизува и се труди да живее блиску до Христос, а другиот е рамнодушен – не е потребен гнев, притисок и негодување. Потребно е многу расудување, многу љубов, многу трпение и, пред сè, смирение.
Зашто бракот не е простор за наметнување.
Не е бојно поле.
Не е судница во која едниот го осудува другиот.
Бракот е пат на заедничко одење, дури и тогаш кога едниот духовно чекори побрзо, а другиот останува назад.
Човекот што оди во црква не треба да се чувствува повозвишен. Не треба во себе да вели: „Јас сум блиску до Бога, а тој е рамнодушен“. Тоа е големо искушение. Зашто многупати некој може да оди во Црква, а сè уште да не стекнал црковен дух. Може да пали свеќа, а во него сè уште да не се запалила љубовта. Може да се моли со усните, а со своето однесување да ранува.
Верата не смее да стане камшик во домот.
Не смее да стане повод за кавги.
Не смее да стане мерка за споредување и гордост.

Напротив, верата треба да се покажува како мир, кротост, добрина, простување и жртва.
Другиот нема да Му се приближи на Христос затоа што го притискаме.
Нема да почне да оди во црква затоа што го обвинуваме.
Нема да се моли затоа што му викаме.
Нема да ја засака Црквата ако во домот гледа раздразнетост, осудување и суровост.
Најсилниот начин да зборуваме за Христос е самиот наш живот. Другиот да види дека Црквата нè направила подобри луѓе. Помирни. Поспремни да простуваме. Потрпеливи. Поблаги. Постабилни. Посмирени.
Да може сопругот или сопругата да каже:
„Откако се приближи до Бога, стана почовечен. Не ме притиска, не ме понижува, не ме навредува, туку повеќе ме сака“.
Тоа е вистинска мисија во бракот.
Верниот сопруг или верната сопруга е повикан да се моли за другиот без покажување. Да оди во Црква без да се враќа дома со став на надмоќ. Да пости без да бара од другиот да го прави истото. Да се прекрстува без да му се потсмева на оној што не се прекрстува. Да љуби без да очекува возврат.
Љубовта има сила што ја нема притисокот.
Тивката молитва има сила што ја немаат викањата.
Добриот пример има сила што ја немаат многуте зборови.
Секако, тоа не значи дека верникот треба да ја крие својата вера. Не. Треба да ја исповеда, но со мир. Да го кажува она во што верува, но без фанатизам. Да го чува својот духовен живот, но без да го прави другиот да се чувствува туѓинец во сопствениот дом.
Едно е да бидам цврст во својата вера, а друго е да станам суров.
Едно е да Го љубам Христос, а друго е да го презирам човекот што сè уште не Го запознал.
Едно е да се молам за другиот, а друго е да го осудувам.
Треба да паметиме дека Бог има Свое време за секоја душа. Можеби човекот што денес е рамнодушен, утре ќе се трогне. Можеби оној што сега не сака ништо да слушне, во еден миг, преку болка, искушение, тивка молитва или добар пример, ќе го отвори своето срце.
Не го спасуваме ние човекот.
Христос спасува.
Ние само љубиме, се молиме и не стануваме пречка за Божјата благодат.
Ако другиот е рамнодушен, да не војуваме против него. Да го покриеме со молитва. Да го придобиеме со кротост. Да му покажеме дека верата не нè направила тешки луѓе, туку луѓе со срце.
Во домот да има мир. Да има почит. Да има разговор. Да не стане секоја недела повод за кавга. Да не стане секој пост повод за негодување. Да не стане секоја црковна тема причина за заладување меѓу сопружниците.
Зашто многупати искушението не го напаѓа само рамнодушниот. Го напаѓа и верниот, правејќи го остар, строг, изискателен и напорен. И тогаш, без да забележи, наместо да Го покажува Христос, тој го покажува својот егоизам.
Верата во бракот бара нежност.
Бара почит кон слободата на другиот.
Бара молитва со солзи, а не зборови со гнев.
Бара љубов што чека, а не барање што притиска.
Но ако рамнодушноста на другиот станува потсмев, непочитување, навреда, забрана на верата или психолошки притисок, тогаш е потребно сериозно соочување, расудување, граници и совет од духовен човек. Љубовта не значи да ја прифаќаме навредата како нешто нормално. Љубовта има трпение, но има и достоинство.
Во повеќето случаи, пак, патот е едноставен, но тежок:
да не престанеме да љубиме,
да не престанеме да се молиме,
да не престанеме да се надеваме.
Сопругот или сопругата не е непријател затоа што не оди во црква. Тоа е човек кој можеби сè уште не ја почувствувал сладоста Христова. А на тој човек не му е потребен напад. Потребна му е љубов. Потребна му е молитва. Потребен му е пример.
Во бракот не сме повикани да го победиме другиот.
Повикани сме да го љубиме.
Не сме повикани да го присилиме да поверува.
Повикани сме со својот живот да му покажеме дека Христос е мир, светлина и љубов.
И многупати, таму каде што зборовите не успеале, тишината се молела.
Таму каде што притисокот затворил врати, љубовта ги отворила.
Таму каде што гневот ги стврднал срцата, смирението ги омекнало.
Затоа, во брак во кој едниот е блиску до Црквата, а другиот е рамнодушен, верата да не стане повод за разделување на срцата. Нека стане мост. Нека стане светлина. Нека стане благослов.
Христос знае.
Христос чека.
Христос дејствува тивко.
И многупати го менува човекот не тогаш кога ние го притискаме, туку тогаш кога Му дозволуваме Тој да дејствува на Свој начин и во Свое време.
о. Димитриос Аргирис, протопрезвитер
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев