Луѓе исполнети со Бог

Spread the love

Loading

Отец Хараламбос Ливиос Пападопулос

Постојат луѓе кои не се во некој манастир, ниту, пак, неопходно се клирици, а се преродени од Светиот Дух. Луѓе на вера и трпение, на радост и надеж.

Чисти помисли и проѕирни души. Не те збунуваат, не те заплеткуваат, не те помрачуваат; покрај нив наоѓаш мир и велиш: „Колку убав човек, колку убаво ми беше покрај него…“

И внимавајте: тие луѓе не се совршени. Исфрлете ги тие побожнички сфаќања од вашиот ум и ослободете се во убавината и мудроста на нашите грешки.

Совршен е само Бог. Ниеден човек. Тогаш, што се тие благодатни луѓе? Ништо. Мали страдалници на животот, кои многу Го љубат Бога, а и Тој ги љуби нив. Човекољубиви души, исполнети со разбирање и љубов кон сите. Тие се од оние што, кога сите фрлаат камења кон тебе, со радост застануваат пред тебе за тие да го примат ударот.

Духот Божји почива врз тебе и прави живеалиште во тебе кога ќе види смирение и простота. Се одвраќа од егоизмот, од сезнајковството и од духовниот елитизам, од фарисејството — односно, од чувството дека јас не сум како другите луѓе и верници.

Кога еден човек ја има благодатта на Светиот Дух, тоа го чувствуваме без тој да направи или да каже нешто. А и оној што е свет, не го знае тоа. Кога би го знаел, не би бил свет, туку опрелестен.

Човекот Божји има радост, светлина во душата, ти дава надеж и храброст во секој збор што го изговара. Не те плаши и не ти се заканува со пеколи, ѓаволи и антихристи. Молитвата, смирението и тишината се плодови на Светиот Дух. Кога гледаш вознемиреност и напнатост — оддалечи се.

Еден таков човек, една таква жена, пред неколку дена ја испратив кај Господ од мојата црковна заедница. Жена која застана повисоко од својата рана. Која не ја употреби својата болка за да ја сожалуваат.

Ниту ги претвори клинците од својот крст во пофалби и ракоплескања. Секогаш распната, а истовремено благодатна. Со насмевка на усните, со добар и охрабрувачки збор. Секоја средба со неа беше едно откровение. Радост, светлина, насмевка, трпение и вера во Христа.

Но најпотресниот настан го доживеав кога ја посетив во нејзиниот дом, во последните денови од нејзиниот живот. Таму примив голема проповед: како човекот на верата се соочува со смртта. Лежеше во својот кревет, во последниот стадиум од тешка форма на рак.

Влегов во нејзината соба колебливо. Вознемиреност, непријатност и болка заедно ми ги правеа чекорите тешки. Знаете, кога еден свештеник прави вакви посети, тоа не е наједноставната работа.

Зашто многупати ќе прими критички коментари, ќе се соочи со реакции од болниот или од неговите блиски, со тешки прашања за еден Бог Кој „молчи“ и „не се грижи“: „Каде е, отче, Бог? Зошто не ги слуша нашите молитви?“ и друго. Е, и свештеникот е човек, и нему му е тешко.

Но во случајот со оваа жена се случи нешто чудесно. Наместо јас, како свештеник, да бидам причина за утеха, се случи спротивното. Таа почна да ме укрепува и да ме советува.

Ми зборуваше за вредноста на трпението и за славословењето на Бога.

„Отче мој, многу ме боли, но не е важно. Што сака Бог. Слава Му на Бога. Што сака нашиот Христос. Не е важно, отче, не е важно. Сè е добро. Слава Ти, Боже“.

Се разбира, јас не зборував. Впрочем, што да кажеш и зошто, кога сè кажува Бог?

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!