Ранетиот пеликан и Христос

Spread the love

Loading

Меѓу недостижните химнографски плачеви на нашата Црква, кои го трогнуваат секое срце, се издвојува алегориската пофалба од Опелото на Велики Петок, во која се пее:

„Како пеликан, ранет во Твоето ребро, Слове, ги оживеа Твоите умрени чеда, капнувајќи им животворни извори“.

Пеликанот е една од најнежните и најгрижливи птици. Тој го гради своето гнездо на високи карпи и таму ги полага и ги изведува своите млади. Лета насекаде за да им обезбеди храна.

Но токму во времето кога пеликанот е отсутен, се приближуваат разни змии, кои се разбудиле од зимскиот сон и, гладни, се вовлекуваат до гнездата на пеликаните и ја цицаат крвта на малите…

Кога пеликанот се враќа, ги наоѓа во очајна состојба, речиси на умирање. Затоа, се вели, со својот клун си ги раскинува градите и, наведнувајќи се над своите мали, остава неговата топла крв да капе во нивните полуотворени усти, и тие тогаш оживуваат.

Крвта на пеликанот, како најдобар противотров, дејствува и го неутрализира отровот на змиите…

Оваа потресна симболична слика нашата Црква ја претвора во химна, за да ни ја доближи и направи видлива Жртвата на нашиот Господ!

— Кои се отруените птици?
— Сите ние, христијаните!

Зашто, кој може да се пофали дека најстрашниот од сите отрови — гревот — не ја затрул неговата душа?

О, тој Луцифер, таа стара змија! Тој голем измамник ја ранил целата човечка природа. Тој е творецот на тој погубен отров што се нарекува грев, кој злорадосно ни го нуди за погубување на душата. И така, илјадници години, луѓето умирале среде најстрашни душевни болки.

Но прославен да е препрославениот Бог! Тој ни Го испрати од небесата Својот Син!

Ете Го Небесниот Пеликан!

Тој нè најде во најбедна состојба од секоја страна, неспособни за секое благородно и јуначко дело, умртвени од лоши дела и вистински отруени птици на Пеликанот.

Но од мигот кога Распнатиот Цар, од љубов кон човекот, дозволи да потече Неговата Пресвета и Животворна Крв, секој човек се оживотворува и во својата душа го има противотровот за умртвеноста што ја создава гревот.

Оваа Крв на Спасителот Христос е спасоносниот лек за нас.

Карактеристично, Орелот од Патмос, свети Јован Богослов, ни вели:

„Крвта на Исус Христос, Синот Божји, нè очистува од лошите дела и од секој грев“ (1.Јн. 1,7).

Ова е најголемото учење на нашата Црква!
Ова е дарот на нашата вера!

Извор: списание „Преподобна Ирина Хрисоваланту“

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!