За социјалните мрежи

Spread the love

Loading

Митрополит Сава Испер

Кога монахот-отшелник отец Исак Атала, ученик на свети Паисиј Светогорец, ја посети Архиепископијата во Латакија во 1980-тите години, јас го придружував. Во тоа време, видео-плеерите штотуку се беа појавиле на пазарот. Каде и да одеше отец Исак, луѓето најнапред го прашуваа за видео-уредот: какви се штетите и ползите од неговата употреба? Дали неговото присуство во домот е благослов или проклетство?

Отец Исак обично им одговараше вака: „Зарем овој уред нема копче за вклучување и исклучување? Проблемот, возљубени мои, не е во самиот уред. Кога ќе видите дека ќе ви наштети, едноставно исклучете го“.

Започнувам со ова искуство за да проговорам за социјалните мрежи, кои денес се достапни во рацете на секого. Како треба да се однесуваме кон нив? Како верниците се соочуваат со она што го гледаат или читаат преку нив? И дали се свесни за потребата да ја ограничат нивната употреба — барем делумно — за да не ги поробат и да не им го расеат умот во работи што ниту се полезни, ниту духовно изградуваат? Дали сфаќаат дека губењето време на овие апликации може да стане грев, па дури и да доведе до депресија, бидејќи ја продлабочува осаменоста и изолацијата и го прави животот потежок?

Зарем токму тоа не се случува со овие социјални мрежи, но во поширок, подлабок и поопасен размер од некогашниот видео-плеер? Овие платформи се умножија, а нивните апликации постојано се развиваат со сè понови и попривлечни можности. Ќе сфатиме ли дека нашиот неуспех да негуваме правилно однесување, дисциплина и добродетел во својот живот им дозволи на овие платформи јавно да ги откријат нашите слабости, да ги зголемат нашите гревови и да го ослободат нашиот гнев и нашите реакции насекаде и против сите? Зарем емоционалните пориви не станаа господари на мигот, па непромислени коментари се појавуваат веднаш и без никаква внимателна проверка на информациите?

Уште поопасна е штетата што им се нанесува на другите, било свесно или несвесно. Опасноста од лошото зборување за другите или од откривањето на нивните тајни на социјалните мрежи се состои во тоа што не можеме да ја поправиме штетата откако подоцна ќе го препознаеме својот грев. Кога приватно озборувам или клеветам некого, можам да се извинам и да ја поправам состојбата штом ќе го сфатам злото што сум го направил. Но на социјалните мрежи, безброј луѓе што го прочитале она што сум го напишал никогаш нема да дознаат за моето покајание, а штетата нанесена на другиот човек останува. Судот врз мене ќе биде строг.

Нашата духовна литература ја раскажува приказната дека свети Макариј еднаш побарал да го види пеколот, и тоа му било дадено во видение. Меѓу нештата што ги видел биле луѓе обесени за јазиците на копја, додека под нив горел оган. Кога прашал каков е нивниот грев, му било кажано: „Тоа се оние што ширеле тајни и пренесувале гласини од дом во дом“.

Ако ја примениме оваа приказна на нашата сегашна стварност, каков ли ќе биде судот за оние што јавно ги посрамуваат другите и ги откриваат нивните тајни пред милиони читатели на интернет?

Постојат морални начела и добродетели што секој христијанин мора да ги поседува. Христијанството не е само општествен идентитет или надворешен начин на живот; тоа е начин на живеење во кој нашите добродетели и нашиот морал стануваат видливи. Надворешно го откриваш она што постои внатре. Самоконтролата, воздржувањето од избрзан суд и спротивставувањето на поривот да веруваме и да шириме сè што ќе слушнеме — тоа е најмалку што треба да го бараме од себе.

Свети Силуан Светогорец го сметал читањето весници за помрачување на душата и пречка за „чистата молитва“. Што тогаш да кажеме денес за бескрајниот порој вести што се излева врз нас како силен зимски дожд? Во тоа време тој зборувал само за весниците — единственото средство за дознавање на вестите во почетокот на дваесеттиот век. А весниците се еднонасочни: тие само пренесуваат настани, без интеракција. Што би рекол светителот денес за социјалните мрежи, кои не само што пренесуваат вести, туку му дозволуваат на секој читател веднаш да стане уредник и коментатор?

Сфаќаме ли колку време трошиме читајќи и расправајќи за безначајни работи, од кои многу не се ни вистинити и не ни носат никаква полза? Застануваме ли да размислиме колку полезни нешта можевме да направиме во времето изгубено во бескрајно прелистување? Освен тоа, доброволно го вознемируваме својот ум и ја возмутуваме својата душа со сопствени раце. Сфаќаме ли колку лесно нè понесуваат гласини и лаги, без да употребиме расудување и без да го испитаме она што го читаме и слушаме?

Нема да држам лекции по морал и бонтон; оној што не бил обликуван од Евангелието нема да се поправи само со убави манири. Сепак, има неколку неопходни совети за оној што сака да слушне.

Застанете пред своите икони, ако сте дома, прекрстете се и помолете се пред да го отворите својот електронски уред. Побарајте од Светиот Дух да ве води, за да го употребите за она што е добро и полезно за другите, и дури потоа започнете со прелистување. Полезно е и да ја држите бројаницата во рака, за таа да ве потсетува дека Бог е присутен.

Не читајте го она што не ви носи полза на овие платформи. Не го трошете своето драгоцено време следејќи го она што е бескорисно. Бидете будни, за да не се вознемирите емоционално и да не ги раните другите. Одредете конкретно време за прелистување и трудете се, колку што е можно, да го користите само за она што е полезно, неопходно и благотворно. Може да помогне и ако поставите аларм за времето што имате намера да го поминете на интернет, за да не останете бескрајно со својот уред, додека тој не ви го проголта целото време. Размислете пред да напишете нешто и изговорете неколку пати од Исусовата молитва на бројаницата.

Наместо тоа, обидете се да ги искористите своите дарови и способности, посветувајќи го времето на нивно развивање и на служење на другите преку нив. Тогаш ќе ја откриете длабочината на радоста што произлегува од таквиот живот.

За време на една духовна средба, ги замолив жените што присуствуваа да изберат еден одреден час во текот на секој ден, во кој ќе ги исклучат своите мобилни телефони и ќе живеат како воопшто да не поседуваат телефон. На почетокот им беше тешко, но го послушаа советот и беа восхитени од мирот што го почувствуваа. Некои дури и заборавија на своите телефони во текот на целиот ден.

Обидете се и вие. Посветете еден час секој ден на живот како да не поседувате никакво електронско средство за комуникација, и можеби ќе откриете мера на внатрешен мир и тишина. Можеби потоа ќе станете гласник и за другите, нудејќи им од сопственото искуство нешто што утешува и носи полза. Така станувате гласник на мирот и радоста — достоен за името „христијанин“.

Превод од англиски јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!