Празници на свети Николај Мирликијски

Spread the love

Loading

Свештеник Јани Мулев

Свети Николај Мирликијски чудотворец е еден од најпознатите и најпочитувани светители во Православната црква. Живеел во IV век. Уште додека бил жив, а уште повеќе по неговото преселување кај Господ, по неговите молитви и застапништво се извршиле и уште се извршуваат чуда и затоа е еден од најпочитуваните и најславени светители. Особено на Балканот, во Македонија и во Србија, најголем дел од оние кои имаат домашна слава, го имаат токму него за свој семеен закрилник. Неговото тело почивало во градот Мир, во Ликија (Мала Азија) сѐ до 1087, кога според некои сведоштва, светителот му се јавил во сон на еден свештеник и побарал од него да се собере клирот и да го отворат неговиот гроб. Тоа го исполниле четворица монаси кои се нафатиле да ги пренесат неговите мошти во Италија, на безбедно, бидејќи таму постоела опасност од наезди од муслиманите, па постоела опасност да бидат уништени и моштите. Но тоа требало да биде само привремено, додека помине опасноста, а потоа да бидат вратени назад. Иако нелогично е православни монаси да бараат прибежиште во Римската црква, која тогаш веќе била во раскол со Источната – православна црква. Според други латински изворници, неколку италијански морнари го искршиле мермерниот гроб на светителот и ги украле моштите и ги пренеле тајно во Италија, во градот Бари.

Откопувањето на моштите од гробот се случило во месец мај, а како можни датуми се спомнуваат 8/21, 9/22 (овој датум се задржал до денес како официјален празник на Пренос на неговите мошти) , 10/23 и 20 мај/2 јуни, т.е. на празникот на свети Талалеј. Од каде оваа разновидност во датумите?

Имено, во текот на тоа патување, кое траело повеќе денови, бродот со моштите застанувал на повеќе острови, па така на 9 мај поминале во Аркадија и на други места на Пелопонез, на 10 мај во Закинтос и Кефалонија, Илиа и Ахаја и на 20 мај во Епир, Евританија и Крф. Затоа и на овие места има изградено по неколку цркви посветени на свети Николај, и неговиот празник се слави по неколку пати во годината. Се смета дека бродот тргнал од градот Мир, па поминал низ Родос, северен Крит, јужен и западен Пелопонез, Ептанисја (седмоостровие) и Бари. Ова е очигледно и според големиот број на цркви на свети Никола во овие места.

Се претпоставува дека на 20 мај стигнале моштите во Бари и биле поставени во храмот на Свети Јован, а три години подоцна, папата Урбан II свечено ги положил во мермерниот престол (трпеза) во олтарот на новоизградениот храм во негова чест и таму останале сѐ до 1953. Свети Никодим Агиорит смета дека моштите биле целосно продадени бидејќи додека биле кај Римокатолиците светителот престанал да прави чуда, па затоа неговата десна рака била продадена за 3000 флорини на владетелот на Валахија Гика (чие што семејно потекло е токму од Велес), а останатиот дел од телото им бил продаден на Русите за 10000 флорини. И навистина и денес во Букурешт во храмот на свети Георгиј се наоѓа неговата света десница. А што се однесува до Русија, навистина таму е голем култот кон свети Никола, но нема сведоштво за негови мошти таму.

Денес познато е каде се наоѓаат овие делови од моштите:

Десната рака – во Букурешт.

Левиот рамен зглоб во истоимениот Римокатолички храм во Римини, Италија.

Дел од левиот рамен зглоб во митрополитскиот храм во Волос.

Дел од моштите во Бари, Италија.

Дел во Музејот во Аталија.

Мали парчиња има и во храмот на Спасителот во Москва и во истоимениот храм во Петроград, како и во лаврата на свети Александар Невски во Петроград.

Ноќта спроти 7 и 8 мај 1957 бил отворен престолот во Бари и биле извадени неговите свети мошти. Од лекарска комисија биле испитани моштите и бил направен записник според кој: Во кивотот на светителот имаше череп, пршлени, делови од ребра, делови од дланките, прсти, но имаше и многу уништени коски, а многу парчиња и недостасуваа. Според антрополошките истражувања заклучиле дека моштите припаѓаат на едно и исто лице, маж од бела индоевропска раса, кој бил висок околу 1,67 м., кој се хранел главно со растителни производи и се упокоил на возраст од над 70 години. Живеел во неблагопријатни услови, боледувал од артритида на рбетот и анкилозна хиперостоза (DISH), како последица од живеење во влажна просторија.

Православна светлина бр. 78

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!