ШТО СЕ СЛУЧУВА СО УПОКОЕНИТЕ ВО ВЕРАТА

Spread the love

Loading

Епископ Венјамин Милов

                Литургиското богословие во црковните молитви и песни помеѓу останатото го осветлува и интересното прашање за состојбата на душата на упокоените православни христијани во периодот пред Страшниот суд. Блаженството на христијаните по упокојувањето се појавува од тоа што прима дарови од искупувањето Христово. Христос Искупителот ги дарува оние кои веруваат во Него и се каат, со простување на гревовите и помилување и ги соединува со Бог Отецот во Светиот Дух, а по смртта ги прима во вечно благодатно општење.

                Спасоносната подготовка на секој човек за премин во вечност се состои во живот со вера, непрестајно покајание и чисто осветување со благодатта на Светите Тајни.

Ако кај христијанинот кој се упокоил доброто и злото во неговото битие се рамномерни, или злото е незначително поголемо од доброто, тогаш милосрдието Божјо го удостојува упокоениот со блаженство. Ако пак злото во него го надминува доброто во поголема мера, тогаш он се отстранува од непосредно општење со Бога. Неговата душа завршува во мрачни места, далеку од Бога. Но и во тој случај земната и небесната Црква може со свое молитвено застапништво, со тек на времето да го надокнади недостатокот на добро кај упокоениот. Христос Спасителот по Својата неискажана добрина го прима молењето на Црквата за заспаните во верата и постепено ги очистува од гревовите и страстите со Својата благодат.

Црковните молитви и песни, кои се читаат на денот на поменот на упокоените христијани содржат:

1.            молитви за простување на гревовите на упокоените со искупителната жртва на Синот Божји

2.            молитви на земската Црква

3.            молитви на небесната Црква

4.            молитви за посмртно блаженство на оние кои веруваат во Христа и благодатно

соединување на душите со Бог Троица во Христа.

Пред сѐ да го задржиме своето внимание на тоа како литургиската книжевност ги

доведува во врска простувањето на гревовите на упокоените христијани од избавување на човештвото со Крстот Христов.  

Простувањето на гревовите на упокоените со искупителната Жртва на Синот Божји

                Почивајќи во верата добиваат лично искупување од ропството на гревот, смртта и ѓаволот исклучиво од Единородниот Син Божји со силата Негова од крсната Жртва за светот, по волја на Бог Отецот и содејство со Светиот Дух.

                Христос Спасителот дарува вистински живот на секој верник, како и Својата љубов, неискажана добрина, очистување, оправдување и помош. Он секој христијанин го очистува од гревот, ја победува ѓаволската сила, ја уништува смртта, го развејува мракот на страстите и го прави син на воскресението.

Христос Богочовекот дејствувал на земјата и како Јагне бил заклан на Крстот и неговото искупително дејство допира до сите христијани за навек. Со Својата крсна смрт и Воскресението, Он ги избавил луѓето од вечна смрт, пропаст и пекол и им дарувал вечен блажен живот. Поради Христовото Воскресение од мртвите смртта повеќе не владее над умрените во вера и надеж на воскресение. Господ ги оправдува и упокојува по смртта оние кои чисто и верно Му служеле, давајќи им дарови на избавување со Својот Крст. Поради страдањето и својата крсна смрт, Он продолжува да им ги простува гревовите и по нивното упокојување, ги исцелува од злобата на смртта и ги воведува во бесконечен благодатен живот.          

Оние кои се упокоиле во вистинска вера, побожност и измирување со Христа добиваат од Спасителот по упокојувањето избавување од надворешната темнина на геенскиот пламен и се населуваат во места на покој и радост.

Господ со својата искупителна смрт го укина вечното умирање на упокоените поради нивните гревови. Ако оние кои веруваат во него живеат по Неговите заповеди, тогаш Он кој по нивната смрт ги води во живеалиштата на Своето Небесно Царство, ги оправдува и не им ги спомнува нивните простени беззаконија. Со Неговата добрина душите на милиони верници по нивната смрт се вознесуваат кон вечниот и светол живот во Бога. Земната и небесна Црква во лицата на своите членови е застапничка за простување на гревовите на христијаните кои се упокоиле со непотполна вера и непотполно покајание.

Простување на гревовите на упокоените по молитвите на земната Црква

                Земната Црква или верниците кои се подвизуваат на земјата, не престануваат да се молат на Христа Спасителот потполно да ги очисти од гревовната темнина и да ги освети нивните упокоени браќа. Како раководителка на „заблудените овци“, Црквата го моли Господа за благодат на помилување и снисходење кон упокоените затоа што тие не отстапиле од верата.

Според литургиското учење, упокоените во верата можат и по упокојувањето благодатно да се воздигнуваат, (со молитви на Црквата) да се задобиваат со осветување од Божјата благодат, која прави насушна храна за секоја човечка душа. Често се случува многу христијани да преминат во другиот свет без потполно покајание. Многу христијани не се ослободуваат од страсните младешки пориви и ја завршуваат својата пловидба по матното море на земниот живот, тие понекогаш заспиваат со сон смртен ненадејно, среде ноќта на овој живот, не гасејќи ги страстите со солзи на покајание. За таквите христијани земната Црква се моли на Господа да им даде простување на гревовите нивни во името на Својата добрина и заради Својата искупителна Жртва. Дури и оние кои се наведени подолу во пеколот, можат со молитвите на Црквата да се избават од пеколот и на крајот на краиштата да бидат воведени во вечното блаженство меѓу праведните, меѓу синовите на невечерниот ден. Земната Црква како родена мајка секогаш се грижи за судбината на своите деца. Таа непрестајно го моли Господа да ги удостои сите заспани верници во денот на Страшниот суд радосно да застанат од десната страна на Отецот. Прекрасни се зборовите на црковните молитви за упокоените:

„Спасителу“ – се моли на Господа Црквата, „спомни ги умрените во добар закон и добра вера. Упокој ги со светите… Дај им да општат со светлоста на благодатта… Избави ги од секоја мака: оган кој изгорува, темнина, чкртање со забите, црви на мачење и сите други маки… Боже! Обдари ги оголените со Твојата благодат, чии души стојат пред Лицето Твое“.

„На денот на сеопштото воскресение на мртвите, кога ќе се огласи архангелот, Ти ќе ги откриеш делата на темнината и тајните на човечките срца. Во тој час како Човекољубец, поштеди ги грешниците кои не отстапиле од Тебе. Очисти ги со Твојата милост и снисходењето со Твојата благодат. Удостој ги со радост во пребивалиштето на Светите!“ „Сети се, Господи, како добар на слугата Свој“. „Прости им ги прегрешенијата на (минатиот) живот оти нема безгрешен освен Тебе и Ти единствен даваш покој на заспаните“. „Очисти ја нивната гревовна темнина и удостој ги со благодатните дарови Свои“.

Простување на гревовите на упокоените по молитвите на небесната Црква

                Небесната Црква на светите слично на земната Црква и уште повеќе се моли на Христа за блажено упокојување на сите заспани во верата. Во застапувањето на упокоените пред Бога посебно се залагаат св. маченици. Тие на земјата пред мачителите го проповедале Јагнето Божјо Христа, без страв од смртта го исповедале Неговото Име и поради љубовта кон Него биле (како Него) заклани како јагниња. Усрдната молитва на небесната Црква за заспаните е многудејствителна. На многу од нив таа им донесува ослободување од гревовната смрт и вечна осуда на пеколни маки, враќајќи им ја животворната благодат, обновувајќи ја во нив благодатната светлост…

Посмртното блаженство на верните во Христа

                Посмртната состојба на православните христијани може да биде различна во зависност од степенот на усовршеност на нивната вера и покајанието на земјата. Христијаните кои го завршиле својот земен живот во совршено покајание, подвизи во верата и побожност, се удостојуваат посмртно на блажено упокоение во небесната Црква на првенците, во прегратките Авраамови, во светлите небесни дворови и небесни населби, каде тие се насладуваат со неискажана радост и блаженство и каде го гледаат Лицето Христово, кое сјае со незалезна и невечерна светлост на благодат и убавина. Сјаењето на Лицето Божјо е за жителите на небото – таинствена храна, извор на вечна веселба и живот. Господ Исус Христос како Дарител на вистински живот е најсветовидна радост на сите на Небесата. Од Него хоровите на светите примаат реки на неистечливи духовни сили.

                Сликовито говорејќи тие во Христа имаат свое духовно пасиште богато со небесна трева и изобилие од небесна вода. Благодатната Христова светлост им точи живот вечен и блаженство вечно.    

                А христијаните кои се упокоиле со несовршена вера и непотполно покајание, Господ – по молитвите на Црквата – а по Својата вечна правда, не престанува да биде бескрајна милост која ги надвладува сите нивни согрешенија. Он ги помилува, им дава можност да продолжат благодатно да растат и да се возвисуваат, миејќи ја нивната душевна нечистотија со росата на Своето осветлување и постепено водејќи ги во општење со Себе. Примајќи ги молитвите на Црквата за заспаните во верата, Господ Спасителот им помага, ја разгорува во нив надежта и љубовта кон Бога, ја омекнува нивната гревовна тврдоглавост, ги очистува, ги смирува нивните страсти и ги изведува од темнината на незнаењето за Бога и ги воведува во насладување со Бога во прекрасна небесна скинија.

                Со милоста и благоволението на Христа Спасителот многу луѓе кои заспале во слаба вера со текот на времето се избавуваат од насилството на гревот, блажено преминуваат од покајание кон славословие на Божествената добрина во Земјата на Живите и под покровот на праведните, приближувајќи се до созерцание на славата Божја во рајот и запознавајќи го Бога живиот.

                Нематеријалното светлосно излевање на Христовата благодат во рајот ја создава суштината на посмртното блаженство човеково.

                Оние кои се упокоиле со слаба вера, биваат по молитвите на Црквата и застапништвото на Христа Спасителот, облеани со Божја милост. Господ со Својот Божествен поглед повеќе не ги гледа нивните гревови и им дава неизречиво помилување.

На основа на изложените литургиски расудувања очигледно е дека секој христијанин треба да премине во другиот живот со душа нахранета со православен живот, со навики на христијанска љубов, молитви и покајание. Во очекување на смртта верникот треба благовремено да стекне простување на гревовите преку Светата Тајна Исповед и преку причестување со Светите Тајни Христови.

Секој вистински христијанин е сроден на Христа и во Него има извор на свое просветување и вечен блажен живот…      

Во Црквата Христова непрекинато трае прекрасното кружење на љубов и взаемна помош, кои како сонце светат во безгранична Божја милост.

Превод: Сашко Кузманов

Православна светлина бр. 78

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!