МЕСТО КАДЕ ШТО НЕБОТО СЕ СРЕЌАВА СО ЛУЃЕТО

Spread the love

Loading

Протосингел Јустин (Мирон), Богдан Лупеску

Манастиритестолбови на светот

Се чувствувате како да стоите на покривот на светот – на самиот негов врв, на потопеното со сонце рамногорје, над шумите и брановидните планински гребени, над белокамениот манастир, потопен во тишина. Тука сум јас и еден монах, двајцата испружени на тревата. Ова е место на неговото осамување. Тој се повлекува тука кога ќе ја заврши својата работа, во тој доцен предвечерен час, кога целиот манастир е потопен во шепот, тивка светлина и таинство. Ова е Јустин (Мирон), игумен на манастирот Оаша.

Тој спокојно лежи на страна, потпрен на лактот, полека ги истегнува нозете на тревата, со насмевка гледа во далечината со своите сини очи, и тоа му се допаѓа. Му се допаѓа сè што гледа. Вели дека често ја чувствува целата природа како симфонија. Шуми, планини, ѕверови (диви животни), луѓе… Сите овие луѓе во подножјето на планината, брзајќи напред-назад низ долините. „Манастирите се столбовите на светот“, вели тој. „Тие се врвот на романското постоење. Тие се она, што е најдобро кај нашиот народ, кое ги достигнува највисоките врвови…“

Во манастирот Оаша има 25 монаси, сите млади, интелектуалци и сите завршиле високо образование. Тие решиле да го остават светот зад себе. Да основаат манастир тука, на врвот на планината Шурјану, и да живеат во него сите заедно, молејќи се за доброто на човештвото. Најблиската населба е оддалечена 45 километри во долината, и тоа е селото Шугаг. Некои од браќата не доаѓаат во него цели месеци. Немаат време.

Овој манастир има строг светогорски ред, со непрестајна молитва и служби од 3:00 до 8:00 часот наутро, а потоа работа, вечерна служба и повторно молитви. И пред сè, огромна радост да се прави сето тоа заедно.

Самиот игумен има две дипломи за високо образование; тој е близок ученик на големиот духовен отец Теофил (Парајан) и еден од водачите на романската православна младина. На свои 54 години, тој е важен теолог во Трансилванија, судејќи според огромниот број луѓе што доаѓаат кај него на исповед. Младите луѓе – особено младите – се упатуваат кон Оаша. Безброј тинејџери се искачуваат на планината секоја недела само за да се запознаат со него. Многумина кои некогаш се нарекувале атеисти, рокери или антихристи, го пронашле својот пат во животот по првиот разговор со игуменот Јустин.

Оттука, од азурните шумски височини, синоокиот монах сè гледа поинаку. Појасно, посветло, попроѕирно. За нас, кои се наоѓаме долу, неговите зборови денес можат да ни послужат како лекција.

„Земја“ на врвот на планината

Тој вели дека манастирот треба да служи како модел, пример за сите луѓе што живеат „во подножјето на планината“. Буквално, тој треба да служи како модел на домаќинско управување и организација. Меѓу другото, манастирите кои се „мали, минијатурни земји“, во секој даден историски момент, тие се репер на кој водачите на народот секогаш можат да се потпрат.

Манастирот може да послужи како модел за општеството, за една земја.

– Да, манастирот може да послужи како модел за општеството, за земјата. Еднаш, еден познат духовен отец од Света Гора дојде кај нас и рече дека ако ние Романците сакаме да се спасиме како народ, мора да се свртиме кон нашите манастири.

Затоа што тие можат да бидат нашето решение. Тој нè убедуваше нас, Романците, да не се осврнуваме на Света Гора, туку да го најдеме својот репер во нашите манастири. Тој ме изненади мене со оваа изјава, бидејќи дури и не размислував за тоа. И сфатив дека и ние тука, во суштина, сме „земја“. Бидејќи имаме и администрација, многу работа, секакви професии што би можеле да претставуваат „модел на економија“, имаме културен живот, духовен живот, сè. И, пред сè, манастирот е модел на заеднички живот.

Затоа го усвоивме атонскиот манастирски типик. За да ги нагласиме нашите романски вредности, наместо да ги имитираме грчките, усвоивме само неколку елементи од статутот и типикот. Зошто? Затоа што забележавме дека, уште од нашите дачки предци, ние Романците имаме два големи недостатоци: недостаток на организација и единство. Дури и Херодот зборувал за Тракијците во V век пред Христа дека ако тие би биле обединети, ќе биле најсилни во светот. Тие биле храбри, духовни, воинствени и најбројни по Инките. А ние, Даките, сме најрепрезентативните на оваа огромна тракиска моќ.

Сепак, Херодот велел и дека „тие никогаш нема да можат да се обединат под еден водач и затоа секогаш ќе останат слаби“. И толку. Тоа е нашата слабост, против која мора да се бориме дури и денес.

Но, постои основа за единство. Мора да разбереме дека за нас Романците, да се биде „поблиску до православието“ всушност значи да се биде поблиску до себе. Поблиску до својата реалност. А образот Божји е, всушност, твојот образ, лик. Затоа Господ Христос се нарекува уште и „огледало“.

Отец Теофил велеше дека пред да се сретнете со Бога, се среќавате со самите себе. Тоа значи дека го барате Бога отелотворен и се наоѓате себеси. Тој делува како огледало, покажувајќи ви какви сте вие навистина.

Ние, повеќето од нас, денешниве луѓе, не се познаваме себеси. Не го знаеме нашиот идентитет, нашата мисија. Оттука произлегува драмата на целото човештво.

Пат кон небото

 – А како вие, отче, го пронајдовте својот повик, својата мисија?

– Кога првпат го открив манастирот, Самбата де Сус, бев студент на Електротехничкиот факултет во Темишвар. Никогаш порано ниту еднаш не сум бил во манастир и не верував во Бог. Јас бев многу рационално битие; ми се допаѓаа математиката и науката, па дури можам да кажам дека бев добар студент. Но, на крајот на краиштата, размислувајќи логично, постојано се прашував: каква е смислата на она што нè опкружува? Како тоа се појавило? Еволуционизмот… Теоријата за Големата експлозија, како на почетокот да имало хаос од честички прашина што потоа се споиле меѓу себе… Искрено, ништо од ова не ме задоволуваше. Се прашував: „Како е можно да имало хаос, а потоа одеднаш да има ред? Како е можно самиот хаос да создаде ред? Тоа е невозможно“, постојано си велев. Од хаос не можете да преминете во нешто друго, освен во друга форма на хаос.

И јас, како селско момче, размислував така домаќински: „Како е можно да ја оставам мојата градина во хаос, воопшто да не се мешам, и одеднаш да ја видам пченката како никнува во редови сама по себе во мојата градина? Никогаш не може да никне, освен ако не се вмеша некоја личност, која ќе воведе ред!“ Редот подразбира постоење на личност. Тој е невозможен сам по себе.

Такво нешто навистина постои

– И така јас почнав сè подлабоко да се преиспитувам. И кога првпат дојдов во манастирот, во Самбата, не можев да поверувам во она што го видов таму. Различен свет. Луѓе кои живееја заедно. Кои се сакаа едни со други. Кои се молеа непрестајно за другите… Кои имаа сè заедничко, никој немаше ништо свое. Слободни, како птици небесни, кои немаат што да изгубат. Немаа ништо лично – никаква своина, дури ни парче конец.

Не можев да поверувам: каква извонредна заедница! Се чувствував како да сонувам. Ми требаа три дена да си дојдам на себе. Си велев: „Но, ова е реално! Ова навистина постои!“ И тогаш, нешто што веќе го имав, нешто со кое сум се родил, се разбуди во мене – повик.

– Значи, вие верувате дека секој човек се раѓа со специфичен, посебен повик, оној што го има од самиот почеток?

– Монасите имаат, сигурен сум. Велат, дека многумина станале монаси од таа причина, затоа што нешто се случило во нивниот живот. Бидејќи тие доживеале некаков вид несреќа – сиромаштија, болест, неуспех во љубовта итн. Јас немав доживеано ништо од тоа. И некако, го откривате вашиот повик дури и без таа несреќа. Несреќата не создава повик. Всушност, Бог ве преобраќа, но само тогаш, кога сте достапни, кога сте подготвени.

На пример, колосалниот свети Антониј Велики, основачот на монаштвото низ целиот свет, живеел во искушение речиси 40 години. Мислел дека таков ќе биде неговиот живот до крајот – без вера. Само искушенија и искушенија. Но, по 40 години, Господ Христос му се јавил. Тој Го прашал: „Господи, каде беше до сега?“ А Христос се свртел и рекол: „Антониј, Јас бев со тебе цело време“. Така, Он бил со него цело време, но оставил тој да види и да избере.

Христос е поблиску до секого од нас, отколку што сме ние самите блиску до себе.

Значи, гледате, Господ Христос е поблиску до секого од нас, отколку што сме ние сами блиски до себе. Но, погледнете колку Он е смирен, колку деликатно се меша со мислите на човекот, со сите негови искушенија, со неговите неважни работи и духовната беда, меѓу другото. Тој слегува таму, влегува во таа беда на нашите души, барем за да нè врати кај Себе. И би нè вратил сите веднаш, ако не би го правел истовремено тоа едно деликатно дело – ако не би ја почитувал нашата слобода.

„Можете ли да кажете дека се чувствувавте слободен во тој ден кога се откажавте од светот, кога го избравте овој осамен живот, полн со откажувања и ограничувања?“

– Уште од рана возраст, јас веќе верував дека сум слободен човек. Односно, во мојот живот го правев само она што го сакав. Пред да влезам во манастирот, бев заљубен во една девојка, одев на забави, одев на планинарски тури, го правев она што го сакав. Но, има едно нешто што подоцна го сфатив: дека секоја добра иницијатива, секоја добра мисла што ти доаѓа, таа доаѓа од Бога.

Односно, иницијативата за доброто во животот на една личност секогаш му припаѓа на Бога. Ти велиш: „Ова е мојата мисла. Ова е мојот импулс!“ Па добро, не се твои. Бог ти ги предаде тебе.

И тогаш, кога пристигнав во Самбата, си реков: „Ако овој манастирски свет постои, толку чист и убав, а јас сум слободен човек, тогаш што ме спречува да го изберам овој пат? Што може да ме спречи?“ И потоа се одлучив. Дипломирав на универзитетот, поразговарав со моите родители, ги средив сметките со светот. И потоа се упатив по својот пат до крајот.

Најтешкото е да се направи еден од неколку

– Во вашиот манастир владее чувство на мир и хармонија. Не е вака насекаде. Некои монаси признаваат дека зависта, клеветата и искушението се јавуваат и во монашката заедница. Како успевате да управувате со толку разновидна и голема заедница?

– Навистина не е лесно. Особено кога стотици поклоници пристигнуваат во манастирот. Ние сме најмногубројната заедница во архиепископијата Алба. Трансилванија нема толку големи манастири како оние во Молдавија. Како што говореше отец Арсениј (Бока), најтешко е да се направи еден од неколку. Мора да се открие вредноста на секого за да остане свој. Обединета врска, во која подеднакво секој ја задржува својата уникатност.

Манастирот треба да биде симфонија. Има толку многу добро кај луѓето што не можете ни да замислите, колку би можеле да бидеме богати ако бевме поотворени еден кон друг… На пример, еве ние сега разговараме со вас. Разговараме за да се збогатам со сè она што вие го имате во вас.

Какво непроценливо богатство е скриено во овој наш дијалог! Но, вие не ми го давате овој подарок за пари. Едноставно се нудите себеси. Ние комуницираме. И дали можете да замислите како би било кога би можеле да се поврземе со сите други – со сите! Колку богати би можеле да бидеме со сите овие едноставни радости?

Што всушност нас нè затвора во себе? Гордоста, ароганцијата. Ништо повеќе. Во меѓувреме, црквата би можела да биде место каде што небото се среќава со луѓето.

Имаме многу образовани монаси во нашиот манастир. За кравите се грижат двајца почетници, и двајцата се со високо образование. Монаси со огромна вредност. Би можело да се постави прашањето: зошто овие луѓе не заостануваат? Затоа што тие доживуваат единство со Бога преку сè. Додека монахот работи со кравите, соединувањето со Бога се остварува во него – преку она што тој го прави.

И ова е нешто неверојатно – соработка со Бога. Заедно со Бога, тие го хранат добитокот, заедно со Бога, тие го чистат дворот, заедно со Него, тие прават сè. Значи, ти можеш да бидеш просветлен, дури и да бидеш чистач целиот свој живот. Оваа идеја е толку слаба – како да треба да правиш возвишени работи за да бидеш возвишен. Погрешно. Дури и преку најниските задачи, можеш да бидеш просветлен.

Дали губењето на овие едноставни радости – комуникацијата и духовната отвореност – може да се јават како една од причините за глобалната криза којашто ги плаши сите?

– Може, дури можеби тоа е и главната причина. Бидејќи, како што гледате, во последниве години ние усвоивме потрошувачки менталитет. Живееме во потрошувачко општество. Како да живееме само за да трошиме.

 Оваа криза ни помогна духовно.

Во меѓувреме, оваа криза ни помогна нам духовно. Се одвиваше голема потрошувачка. Се чинеше дека буквално полудевме, го изгубивме чувството за себе. Трошење материјално богатство. Но, исто така, и трошење луѓе, на крајот на краиштата. Толку многу луѓе беа изгубени.

Тука доаѓаат добро ситуирани луѓе, луѓе со големо богатство. Разговарам со нив. Тие ми се исповедаат. Но, само да можете да видите какви проблеми тие имале и сè уште ги имаат… во своите животи, со своите семејства. Да можете да видите каков материјалистички менталитет имале нивните деца: тие секогаш сакале пари, велеле дека нивните родители никогаш не ги разбирале, исто така им бил потребен некаков џип, некаква облека… И нивните родители повеќе не можеле да ги контролираат. Но, сега можат – криза е!

Значи, тие ја користат оваа криза на тој начин за да ги воспитуваат своите деца, да ги вратат во нормала. Знам дека денес во светот има многу страдање. Но, постои и светла страна во оваа криза – преку неа, ние можеме да ги вратиме нашите души.

Чудата на Мајката Божја

– Може ли манастирот, верата, да направи нешто за да ги спаси овие вредности?

– Ние постојано примаме овде стотици млади луѓе, ученици и студенти. Постојано, преку целата година. Веруваме дека единствената надеж за преродба на нацијата се наоѓа во овие нови луѓе. Ги сместуваме, ги храниме и имаме кампови за нив, во кои можат да се сместат стотици луѓе. И ги учиме овие млади луѓе што доаѓаат кај нас на планината дека би било добро да дојдат облечени во романски стил.

Тука се појави еден вид „движење“ насочено кон зачувување на древната облека. Тие ја купуваат од селани кои се срамат да ја носат денес. А граѓаните ја носат со гордост.

Можете ли да замислите? Тие доаѓаат овде од далеку, од целата земја, и патуваат долг пат. И зошто го прават тоа? Всушност, никој не ги принудува да го прават тоа. Стотици и стотици млади луѓе ја вратија својата вера во Бога доаѓајќи овде. И јас можам да ви раскажам безброј такви приказни.

Затоа ни беа потребни и добри монаси. Работата со млади луѓе е тешка мисија. Треба да одвоите време за нив, да разговарате со нив и да бидете во состојба да ги разрешите нивните проблеми. И, пред сè, треба да ги сакате. Имено, само да ги сакате, бидејќи преправањето или формалноста нема да функционираат кај нив. Тие веднаш чувствуваат кога не им се обраќате со сета душа.

Ви треба деликатност, ви треба сила. Воопшто, јас забележав дека романското монаштво не секогаш управува со своите односи со светот на потребниот начин. Ние живееме според древниот модел, како што живееле и нашите предци, односно ние сме многу отворени. Манастирот е отворен, вратите се отворени, луѓето се отворени. Монахот е должен да го освети целото место во кое живее. Тој мора да им се обрати на луѓето со сета своја љубов.

Неодамна, манастирот Оаша доби икона на Пресвета Богородица од Света Гора. Таа дотогаш никогаш не правела чуда. И почна да чудотвори дури кога ние, локалните монаси, се помоливме пред неа. Исцелувања, исполнувања на желби. Можеби вие мислите дека претерувам, но за нас монасите, овие чуда се најприродна работа. Воопшто не сме изненадени кога гледаме чудесни исцелувања. Се радуваме за луѓето, но не сме изненадени, ниту восхитени.

Всушност, ова е најконкретната помош што може да ја пружи еден манастир – да му помогне на човекот да види дека светот е полн со чуда. Кога ја гледам оваа преобразба кај некој човек што дошол во Оаша, ми доаѓаат солзи во очите. Ако тој успеал, тогаш што се важни кризата, несреќите и тешкотиите? Тој се чувствува силен затоа што секогаш ја гледа моќта на молитвата на своја страна и знае дека неговите желби можат да се исполнат.

Тука, високо во планините, полесно е да се разбере дека сè она што ве опкружува, е чудо Божјо. И кога ќе се спуштите и ќе се вратите дома, можете да го понесете со себе најголемиот можен дар – себеси. Вашиот сопствен образ, во кој се одразува ликот Божји.

Разговорот со игуменот Јустин (Мирон) го водеше Богдан Лупеску

Превод од руски јазик: Анета Ѓорѓиевска Наковска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!