Зошто Евангелието според Јован е „поинакво“ од останатите?

Spread the love

Loading

– толкувања според „Православно проучување на Библијата” (The Orthodox Study Bible)

„Православно проучување на Библијата“ од стручната заедница при академијата за Православно Богословие „Свети Атанасиј“ од Калифорнија е можеби еден од најголемите помошници за правилно и православно толкување на Библијата за западните народи каде англискиот јазик игра истакната улога во меѓуопштествената комуникација. Изработена, припремена и проверена од над 40 богослови, меѓу кои епископи и презвитери, таа ги толкува сите случувања и приказни, стих по стих, од Битие па сѐ до Откровение. Во неа се исто така додадени и душеполезни утрински и вечерни молитви за сите оние на кои им е потребно молитвено правило, како и други додатни информации кои се според Светото Предание за оние кои имаат интерес и би сакале да си го прошират своето христијанско познавање.

Во истата, покрај многуте проучувања кои ги отвораат нашите духовни очи со нови погледи кон Бог и неговите созданија, во Евангелието според светиот апостол и евангелист Јован Богослов, има истакнато неколку моменти кои можеби не би ги забележале дури ни оние кои го читаат Светото Писмо со години, бидејќи, како што е пишано во предговорот за ова Евангелие во нашиот превод на Новиот Завет, секој што го прочитал истото откако веќе ги прочитал останатите три (синоптички), не може а да не биде вчудовиден од неговите разлики со нив. Со самото тоа што ова Евангелие почнува со зборовите „на почетокот“ со целосна рефлексија на Првата Мојсеева книга – Битие (1,1) , а, истовремено и точно и без сомнеж, го исповеда и Словото како Бог преку кое „сѐ стана и без Него ништо не стана“ во секоја глава понатаму, многу од верниот народ го сметаат за највоодушевувачко.

Според „Православно проучување на Библијата“, едно од најитересните толкувања е како, не само воведот, туку првите 2 глави од ова Евангелие се целосна рефлексија на првите 7 дена во кои Бог го создал светот.

Богословскиот вовед на ова Евангелие, во кое се спомнува и светиот претеча Јован Крстител како таков, завршува на 18-тиот стих од 1-вата глава, а фокусот почнува да се пренасочува на почетоците од Христовата служба: сведочењето на свети Јован Крстител (1,19-34), повикувањто на првите апостоли (1,35-51), првиот знак (чудо) на Христос во Кана (2,1-11), како и неговиот одмор во Капернаум (2,12). А паралелата со првите седум континуиратни денови од созданието изгледа вака:

1. (Јован 1,19-28) свети Јован Крстител принесува сведоштво за Светлината – Самиот Христос – во присуство на евреите. Ова е паралелно на создавањето на светлината во првиот ден (Битие 1,3-5).

2. (Јован 1,29-34) – светиот Претеча изјавува дека Христос крштева со Светиот Дух, што е поголемо од неговото крштение за покајание, изведено со водата од земјата. Ова е паралела на одвојувањето на водите над, од водите под небесата во вториот ден (Битие, 1,6-8).

3. (Јован 1,35-42) – свети Јован Крстител праќа двајца ученици кои Христос ги прима да бидат Негови, а едниот од нив го назначува за темел на Црквата, нарекувајќи го Кифа (што значи Камен). Ова е паралелно на собирањето на водите и основањето на земјата и сѐ она што израснува и дава плодовни рожби во третиот ден (Битие 1,9-13).

4. (Јован 1,43-51) – Христос ги повикува светите апостоли Филип и Натанаил, кои го гледат Христос како вистинска Светлина, Оној кој беше откриен во Стариот Завет – помалото светило. Ова е спрема поставувањето на помалото светило кое управува со ноќта и поголемото светило кое управува со денот во четвртиот ден (Битие 1,14-19).

5. (Јован 2,1-11) – свети Јован Богослов не ги вклучува настаните од петтиот ден, но прескокнува директно на шестиот. Фразата „на третиот ден“ (2,1) е израз кој значи „два дена подоцна“, зашто го вклучува тековниот ден при пресметката. На шестиот ден се случува свадбата во Кана, која е соодветна со создавањето на мажот и жената во Битие (1,26-31).

6. (Јован 2,12) – Исус одмара во Капернаум со мајка Му, Неговите браќа и Неговите ученици, што соодветствува со одмарањето на Бог во седмиот ден во Битие (2,1-3).

Кога сме кај делот од ова Евангелие што соодветствува со шестиот ден од созданието, тоа е истовремено и првиот од седумте знаци (пред Христовото Воскресение, осмиот и последен знак), а истовремено, според Православното проучување, е од големо значење.

Имено, свадбата во Кана (2,1-11) е избрана за прв знак, зашто во Стариот Завет венчалните прослави го симболизирале соединувањето на Бог со неговата невеста, Израилот. Исус ја започнал својата служба во Галилеја, каде што имало голем број на незнабожечко население; тоа било знак за споделувањето на Евангелието со целиот свет. Тоа што оваа свадба се случила „на третиот ден“ го поставува воскресниот правец, со тоа што покажува дека свадбата меѓу Бог и Црквата ќе биде исполнета во Христовото Воскресение. Други соодноси што ги има овде меѓу свадбата и записот за Воскресението (20,11-18) се тоа што и двете во нив имаат жена со име Марија која упатува молба, а истовремено и во двата пасуси учениците се поканети да бидат сведоци на соодветниот настан. Понатаму, Воскресниот запис (20,11-18) има впечатлива сличност со почетокот на третата глава од ова Евангелие, поспецифично од првиот до петтиот стих, кои повторно го пројавуваат соединувањето меѓу бракот и Воскресението на нашиот Господ. Со неговото појавување на свадбата, Исус дотолку објавува дека бракот е нешто свето и за почитување (Евр. 13, 4), па затоа, овој пасус е читан на Православните венчавки, а овие отсликувања се вклучени и во многу од молитвите за време на венчалната служба.

Понатаму, шестата глава (6,1-71) е во целост паралела на приказната за Пасхата и Излезот на Израилот од Египет на неколку битни начини.

1. Во писанието за Излез (2.Мојс. 11–17) Бог прво ги извршува знаците против фараонот, а потоа дава насоки за спасение во времето на Пасхата (2.Мојс. 11,1-12,14). Во пасусот во Евангелието, мнозината го следат Христос заради неговите знаци (Јован 6,2) и ова исто се случува на Пасха (Јован 6,4).

2. Во Излез се вели дека евреите јаделе бесквасен леб бидејќи на брзина биле истерани од Египет, така што ни храна за по пат не си приготвиле. Во Евангелието според Јован, Исус ги нахранува мнозината со земен леб зашто не си приготвиле за по пат, бидејќи побрзале да Го видат (Јован 6,2-14).

3. Во Излез, Мојсеј го води народот преку Црвеното Море, одејќи по сува земја насреде разделената вода (2.Мојс. 14,15-31). Во Евангелието, Христос ги праќа своите ученици преку морето (с. 17), а потоа оди по истото (с. 19) како да е суво.

4. Во Излез, Бог ги нахранува Своите луѓе со манна и им дава да пијат од чудесен извор на вода (2.Мојс. 16,1-17,7). Во Евангелието, Христос се открива Себеси како вистинска храна и вода, вистински леб што слезе од небесата (Јован 6,48-58).

Како и зошто светиот Јован Богослов ги користел броевите 7 и 8 во начинот на кој го составил своето Евангелие, па и во Откровението? Спомнато е во толкувањето на еден од стиховите во Откровението – Православното проучување објаснува дека во Библијата, симболично, бројот 6 е за да назначи недостаток, недовршеност, несовршеност; бројот 7 за совршенство, полнота, исполнување; бројот 8 за есхатолошка совршеност, за преизобилство од полнота. Исто, шестиот ден, петок, е ден за припрема; седмиот ден, сабота, е образ на спокојот кој доаѓа; осмиот ден, недела, е денот на Воскресението, последното воспоставување на Царството Божјо.

За нашите животи овој симболизам истовремено се поврзува и со трите фази на Православниот духовен живот: очистување од страстите, просветлување на умот и, крајно, обожување[1].

Овој библиски симболизам соодветствува со самата суштина на последното напишано Евангелие од страна на нашиот апостол и евангелист; според воведот некои од истражувачите претпоставуваат дека разликите меѓу Јован и синоптичарите (Матеј, Марко и Лука) се плод на стремежот на светиот Богослов да ги дополни, да ги доусоврши нивните списи, па преку тоа да имаме целост во сведочењето на Добрата Вест за нашето спасение, затоа се читаат сите како едно заедничко.

Превод од англиски јазик: Никола Велев


[1] Соборна мудрост на раните свети отци како светиот Григориј Ниски и светиот Дионисиј Ареопагит, а потврдена и од подоцнежните богослови како свети Јован Лествичник.

Православна светлина бр. 78

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!