Депресијата ги совладува дури и светите

Spread the love

Loading

Навикнати сме на иконите да гледаме само спокојни лица на светители. Но еден од најдлабоките интелектуалци на Црквата со години не можел да излезе од соба поради парализирачка тага.

Во 1767 година вороњешкиот епископ Тихон направил нешто што го шокирало целиот Свет Синод, блескав администратор, длабок интелектуалец, човек на самиот врв на својата архиерејска кариера, поднел молба да се повелече во тихувание. Имал само четириесет и три години во кои црковните ерарси само што ја добиваат целата сила.

Во конечниот извештај имало сувопарно известување: особено тешко нервно растројство, хронична несоница, постојана вртоглавица и потполна физичка исцрпеност. Чиновниците во Петерсбург долго не сакале да пуштат таков драгоцен човек, но светиот Тихон буквално молел да му се врати правото на осаменост. Се повлекол во Задонск.

Тоа што во XIX век срамежливо го нарекувале „меланхонично искушение“, современите пастири и доктори без сомнеж би го окарактеризирале како длабока форма на депресија.

Тоа не било поетска, благородна тага како што писателите сакале да ја опишат во романите. Тоа било физиолошки тешка, мачна состојба. Ќелијниците на светителот, Василиј Чеботарев и Иван Јефтимов, во тој период оставиле искрено сведоштво.

Имало недели кога светиот не можел да се натера ни прагот од собата да го пречекори. Се заклучувал одвнатре, одбивал да јаде, со часови плачел на подот и доживувал напад на паника. Го опфаќало чувство на потполна богооставеност. Понекогаш таа мака станувала толку неиздржлива што задонскиот старец, со скрушено срце го молел Бог само за едно – за смрт.

Страст или крст?

Во нашата црковна средина уште живее заостанат стереотип. Ако на човек му е тешко, ако го изгубил вкусот за живот и не може да стане од постела, веднаш му се поставува дежурна дијагноза: „Малку ќе се помолиш, тоа е гревот на унинието, оди покај се“. Тогаш човекот својата болка ја потиснува уште повеќе, гушејќи се во тежината на таа пресуда.

Но, тука треба да се повлече јасна граница. Едно е каприциозно, егоистично незадоволство од животот, кога на човекот сѐ му е во ред, но му е досадно и сака внимание. Тоа навистина е страст која треба да се исповеда и да се бориме против неа. Сосема е друго кога под притисок на крајна страст психата се крши.

Тешката меланхонија на свети Тихон не била маловерие, туку болест. Тоа е најтежок крст кој крвари, кој Бог го допуштил на Својот праведник да го носи до својот гроб.

Да се обвинува човек во депресија во сред војна и катастрофа е исто како да обвинуваш заболен од туберкулоза или некој зошто си ја скршил ногата. На крај, Бог не се оттргнува од нас кога ни снемува снага да се насмевнуваме пред другите.

Методот на мрзлив коњ

Како понатаму? Како човекот внатрешно ја преживувал таа темнина? Свети Тихон Задонски сфатил: кога чувствата се мртви, бесмислено е во себе да се бара духовно восхитување или радост. Да се чека „само да помине“ – смртно е опасно. Тогаш поминал на колосек на сува дисциплина.

Во неговите писма до духовните чеда, тој човековата душа која била погодена од темнина, ја споредувал со мрзлив коњ.

„Од тие писма го гледаме потполното униние“, пишува светителот. „Таа страст е жестока, а христијанинот кој сака да се спаси мора да се бори со неа… Ти го советувам следното: убедувај се и принудувај се на молитва и на секое добро дело, иако немаш волја. Како што мрзливиот коњ го удираат со камшик за да трча така и ние треба да се принудуваме на секакво дело, а особено на молитва. Кога Бог ќе види таков труд и страдание, ќе ти даде волја и сили“.

Кога кај светителот почнувал нов напад на меланхолија, ја земал секирата и одел во дворот и цепел дрва.

Со мртво, закоравено срце, облеан во пот, носел садови со вода, ја копал земјата во бавчата, газел со чизми низ шумските калливи патеки. Тој буквално се принудувал неговата крв да се движи, а умот да се оттргне од внатрешните демони со тешка работа.

Што повеќе, наоѓајќи се на самото дно на својот личен пекол, Тихон продолжувал да ја дава последната копејка од својата скромна архиерејска пензија. Се заложувал за селските земјоделци пред големите земјопоседници, примал поклоници, ја лекувал туѓата болка во оние моменти кога неговата душа се распаѓала. Дејствувал низ тоа „не сакам“, буквално преку насилство над сопствената немоќ.

Уметноста на малите чекори

Искуството на задонскиот старец е моќен егзистенцијален штит за секого од нас. Христијанството никогаш не било фабрика за дежурни насмевки, ниту сеанса за ефтина психотерапија. Нашата вера е подготвеност да останеме луѓе и да продолжиме да одиме напред  дури и тогаш кога ништо не чувствуваме.

Кога светот околу нас се руши во заглушувачки тресок, а психата не може да ги прими историските трагедии, не треба од себе да бараме духовни подвизи.

Не се обидувајте токму сега да го спасите човештвото или да чувствувате голема психичка радост ако внатре во вас има пожар. Рецептот на „мрзлив коњ“ спасува живот.

Понекогаш најголеиот духовен подвиг е токму во еден ден – едноставно да се принудите да станете од постелата. Да ставиш топла вода во шолја. Механички само со усните, да го прочиташ „Отче наш“ не барајќи од своето срце момент на солзи или восхит. Отиди поправи ја бравата на старата комшивка, среди ја собата, направи едно мало, едноставно дело за оној кој е покрај тебе. Направи уметност од мали чекори.

Имаме потполно и законско право да бидеме уморни и слаби. Бог од нас не очекува беспрекорна фасада. И можеби, токму во оној момент кога ќе ја пуштиме стиснатата тупаница и тивко изговориме: „Господи, веќе ништо не чувствувам“ – на прагот незабележливо ќе се појави Оној Кој цел живот внимателно за узди го води целото наше изразување, уморната душа – коњ.

Превод: Протоереј-ставрофор Игор Пармачки

Православна светлина бр. 78

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!