![]()
Свештеник Јани Мулев
Една од најголемите болести на современото Православие е стерилниот морализам, кој стигнува до секташко пуританство и гнасење од другиот човек. Кога го исфрламе Христос Господ од нашиот личен живот и од животот на Црквата, тогаш добиваме секуларна религиозност и секуларна „Црква“. Во такви услови, кога живееме без Господ, се задоволуваме од исполнување на законите, во случајов дел од „каноните“ на Црквата и практикување на надворешен морал.
Христос Господ е знак противречен (Лука 2,34), а такви се и Неговите ученици и светители, од почетокот па до крајот на вековите: „Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни. До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов, но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нè укоруваат, ние благословуваме, а кога нè гонат – трпиме“ (1.Кор. 4,10-12) – ни потврдува апостолот Павле преку Посланието до Коринтјаните. Истото искуство го имале сите маченици и светители уште од првите векови. Биле сметани за луди, чудни, несфатливи, а во поново време уште потешко ни е да ги разбереме светителите, особено кога се работи за личности од нашето време и опкружување. Голема бариера претставува учењето за „морално усовршување“ на христијаните, па според тоа очекуваме дека христијаните и сиот клир треба да бидат морално совршени, т.е. безгрешни. Но, поимите светител и безгрешен не се еднакви.
Моралното сфаќање на Црквата често ги осакатува житијата на светителите. На пример, во житието на старец Пајсиј, за да не бидат вознемирени верниците и клирот, многу работи од неговата личност и однесување намерно се исфрлени, па добивме еден мил, сладок, нежен, смирен старец, кој ни на мравка не гази, а оние кои го познаваат, кои живееле со него повеќе време, сведочат дека бил многу бунтовен, често ги укорувал светогорските игумени, епископите, поради што и бил омразен од нив. Еден негов современик вели дека, ако беа објавени сите работи кои тој ги кажуваше за архиереите и игумените, веројатно никогаш не би бил канонизиран за светител… Шминкањето на житијата ја осакатува и поништува личноста на светителот, остава впечаток каков што сакаат верниците да видат, шаблонизиран опис со поетични цитати од Светото Писмо, а токму вистинскиот опис на светителот ни дава надеж дека секој има свое место во Црквата, и секој е повикан кон светост, какви гревови и да има, какви слабости и да има, каков и да е по карактер и темперамент. Додека, пак, шаблонизирањето на светителите ни создава фрустрации и чувство дека ние не сме за тоа, бидејќи секако нема да успееме на тој пат.
За канонизацијата на отец Серафим Роуз
Синодот на Руската Задгранична Црква пред неколку дена објави вест, дека јеромонахот Серафим Роуз, од манастирот Платина, е прибројан во хоровите на светителите, т.е. Црквата го признава/препознава и прифаќа како светител, одредува датум за празнување, се сликаат икони и фрески со неговиот лик, објавува житие и негови дела како и служба и молитви во негова чест. Значи не му се додава ништо ново, туку само се признава неговата светост која ја имал уште додека бил жив. Но, оваа радосна вест беше пречекана со многу негативни коментари. Најголемите противници беа од таборот на приврзаници на Цариградскиот патријарх, и главното обвинение против него е токму фактот што тој не бил со Цариградската патријаршија, а имал и нагласени зилотски ставови, кои не се во согласност со модерниот тренд кој го има Цариградската патријаршија. Освен тоа, нивниот манастир бил десетина години во целосна изолација, дури потоа прифатиле да бидат под јурисдикција на Српската православна црква и оттогаш се со регулиран статус. Следно обвинение е затоа што водел неморален живот пред да биде крстен во Православната црква. Тоа е едно најбаналните обвиненија, бидејќи покажува дека не веруваме вистински во покајанието на човекот, и самите ние немаме покајание, туку живееме со фарисејско чувство на самозадоволност и безгрешност. Исто така обвинуван е за тоа што молчел и ги толерирал гревовите на неговиот собрат јеромонах Герман Подмошенски. Но, дали е тој единствениот „неправилен светител“? Што ни покажува искуството на Црквата?

Неправилни светители
Светата Црква никогаш не се раководела според гревовите на луѓето, туку според нивниот крај, нивното покајание и големи дела кои ги оставиле зад себе. Ако бараме „влакно во јајцето“, тогаш нема да остане ниту еден светител во календарот бидејќи сите имале гревови и грешки. Но освен гревови и грешки, биле исполнети со Христос, и присуството на Христос во нив ги прави светители и чудотворци. Ако го читаме Светото Писмо ќе видиме многу гревови кај старозаветните патријарси, пророците, апостолите и нивните ученици. Во житијата на светителите често имаме само една реченица за некои од нив, а сепак ги почитуваме како светители. Сретнуваме и гревови и грешки, но како што вели една црковна поговорка, која му се припишува на блажениот Августин Ипонски: „секој светител има свое минато, и секој грешник своја иднина“. Заедничко кај сите е нивната приврзаност и верност кон Бог и Неговата Црква, а кај мачениците крајното одрекување од себе и од својот живот заради Господ. Но, да видиме какви моменти сретнуваме во житијата на некои современи светители.
Свети Јован Јаков Хозевит, голем подвижник од Романија кој бил замонашен во Романија, а потоа се преселил во Светата земја, а животот го завршил во Хозева, во пештерата на пророкот Илија. Имал екстремно зилотски ставови под влијание на старокалендарците Матеевци од Грција, не прифаќал нов календар и никогаш во животот не прифатил да сослужува со клирици кои служат по новиот календар, а се одликувал со дар на прозорливост и чудотворство. Откако по смртта им се јавил на неколкумина во сон, одлучиле да го откопаат и го нашле неговото тело нераспаднато. Бил канонизиран од страна на Романската црква, иако со клирици од таа Црква никогаш не сослужувал.
Свети Јован Шангајски е роден во Русија, но во револуцијата пребегнал во Југославија и бил испратен како јеромонах и учител во Битолската богословија, поради што ни е драг на сите во Македонија. Кога Руската црква паднала под комунистичка власт светиот Јован решил да прекине секаква комуникација со неговата матична Црква, и со сиот народ се одвоил, поради што во службените весници на РПЦ бил квалификуван како „расколникот Јован“. Како владика низ Европа и во Америка имал јуродиви подвизи, немарност кон финансиско-материјалното раководење со епархијата поради што неговите собраќа архиереи барале негово повлекување. Под негово духовно раководство бил формиран манастирот во Платина од страна на неговите духовни чеда Серафим и Герман. На неговата канонизација присуствувале претставници од зилотските цркви, како и игуменот на најзилотскиот манастир Есфигмен, и затоа долги години неговиот спомен не беше одбележуван во Грчката црква.
Преподобна Софија Хотокуриду или Миртидиотиса, е јуродива светителка, со очигледни дарови на Светиот Дух, која проживеала многу семејни страдања, доживеала многу лишувања и најпосле толку се ослободила од сите приврзаности, што живеела во штала, но во друштво на ангелите. Таа била приврзаник на старокалендарците, и била замонашена од страна на старокалендарскиот митрополит Кипријан (на Оропос и Фили) со името Миртидиотиса, а подоцна пак била замонашена од митрополитот на Верија од официјалната Грчка црква со името Софија. Денес и двете страни ја почитуваат и ја присвојуваат.
Светиот Гаврил Велички е нашиот најнов светител, кого го познаваат многу наши современици и имаат добри спомени за него. Тој бил замонашен на Света Гора, па потоа протеран од етнофилетистички побуди на Грците па дошол во Македонија, како голем благослов, но тогашните власти го доживеале како закана, дека може да привлече многу народ, дека може да го обнови монаштвото, и затоа постојано бил прогонуван и често морал да менува манастири, за да не фати никаде корен. На крајот се упокоил во Црква која не била признаена, нешто што на луѓето им значи, но не и на Бог.
Преподобен Јероним Егински, рожба на Кападокија, но со размената на население завршил на Егина и таму се упокоил. При промената на календарот одбрал да го следи стариот календар, но тоа не ја спречило благодатта да се излее изобилно врз него и да го направи исихаст, прозорлив и голем духовник и советник на верниот народ. При пишувањето на втората книга за него, која наскоро ќе ја види светлината на светот, дале свој придонес и светите новопрославени старци Пајсиј и Порфириј, кои го провериле и редактирале текстот пред да се испечати, за што постојат и нивните своерачни писма, објавени во истата книга. Само светителите може да препознаат кој е светител, бидејќи биле научени не од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух (1.Кор. 2,13), духовниот, пак, човек испитува сè, а него никој не го испитува (1.Кор. 2,15).

Светиот Никола Планас, бил брачен свештеник во Атина, исто така живеел во времето на промената на календарот, но тој не се согласувал со официјалната одлука на Синодот на Грчката црква и продолжил до крајот на животот да богослужи само по стариот календар. Иако во очите на луѓето тој не бил послушен на Црквата и на својот архиереј, Бог го прославил со многу дарови на прозорливост и чудотворство, а неговата светост била признаена официјално со одлука на Цариградската патријаршија.
Да го спомнам ли и свети Јаков Посник, кој иако веќе стар и искусен подвижник со дар на чудотворство, паднал во блуд и убиство, па долго се каел во отворен гроб? Или свети Мојсеј Мурин кој бил разбојник, но се покајал и станал монах? Или преподобната Марија Египетска, заедно со преподобна Таиса, Пелагија и други слични на нив, кои биле во мрежите на блудот, а со покајание се очистиле и осветиле, и Бог ги прославил со светост? Или светиот Герасим кој западнал во ерес, па под влијание на свети Ефтимиј Велики се покајал и се вратил? Интересно е кај овој светител што иако бил во ерес, сѐ уште имал дар на чудотворство, поради тоа што од незнаење, наивност и со чисто срце ја прифатил таа ерес. Списокот на „неправилни светители“ е многу долг.
Не можеме Бог да го ставиме во нашите тесни рамки, Он е Дух и дише каде што сака (Јован 4,24; 3,8). Светите египетски подвижниците да не знаеја случајно кој им е владика, или кој е Цариградски патријарх? Или оние во затворите, кои со коцка леб и вода служеле Литургија и се причестувале? И покрај тоа, пак се осветија и Бог ги прослави. На ликовите на светителите не се сликаат трепките на очите, што не значи дека немале трепки; исто така и во житијата на светителите не се опишуваат нивните гревови, за да не се соблазни некој од верниците, што не значи дека бил безгрешни. Така што, да ја достигнеме и ние мерата од растот на овие преподобни „неправилни“ светители и тоа ни е доволно. Да бидеме исполнети со благодатта на Светиот Дух, која ќе нѐ води кон очистување, просветлување и обожение, и Он ќе ни покаже во срцето кој е светител, а кој не е, оти сличното со слично се препознава. Но, додека не го достигнеме тоа ниво, сепак, да им веруваме на епископите, и на оние кои лично ги познавале светителите и сведочат за нивната светост. По молитвите на сите „неправилни светители“, Бог да нѐ води по патот на спасението. Амин.
Православна светлина бр. 78