![]()
Духовниот живот на нашата Црква нè учи дека борбата на христијанинот не е насочена против луѓе, туку против страстите и злите духови што ги поттикнуваат. Светите Отци откриваат дека секоја страст станува место на дејствување на непријателот на нашето спасение. Гневот, блудот, среброљубието, славољубието, гордоста, лицемерието и секое друго страсно движење на душата му даваат простор на ѓаволот да дејствува и да го напаѓа човекот.
Авва Питирион, ученик на великиот авва Антониј, поучува дека оној што сака да стекне духовна власт над демоните, треба најнапред да ги победи сопствените страсти. Зашто човекот кој со покајание, молитва, пост и смирение се бори против своите страсти, истовремено го оддалечува и демонското дејство што е поврзано со нив.
Демоните бараат можност да влезат во срцето преку нашите слабости. Но кога христијанинот ќе се спротивстави со Божјата благодат, кога ќе го пресече поводот за гревот и ќе ја скруши страста со покајание, тогаш ја губи силата и соодветното искушение. Таму каде што владеат смирението, чистотата, љубовта и молитвата, демоните не наоѓаат место за почивање.

„Бидете трезвени, бдејте; зашто вашиот противник, ѓаволот, како лав што рика, оди наоколу барајќи некого да проголта“ (1 Петр. 5,8).
Затоа борбата против страстите не е само морален напор, туку духовна војна. Колку повеќе страста се умртвува, толку повеќе душата се просветлува. Колку повеќе се очистува срцето, толку повеќе човекот Му се приближува на Бога. И колку повеќе во него пребива божествената благодат, толку повеќе се оддалечуваат демонските дејства.
Светите отци нè повикуваат да не ги занемаруваме ни малите страсти, бидејќи преку мали пукнатини многупати влегува голема духовна опасност. Со постојано покајание, исповед, молитва и учество во Светите Тајни на Црквата, човекот станува живеалиште на Светиот Дух и чекори кон слободата на Божјите чеда.
Посветено на сите што се борат да го очистат своето срце и да Му го предадат целото свое битие на Христос.
Победи ја страста, и искушението ќе си замине.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев