![]()
На еден свештеник му умрела жената, која многу ја сакал. Горчината од загубата се покажала неподнослива за него, и тој почнал да пие. Секој ден ја спомнувал во своите молитви, но сè подлабоко и подлабоко тонел во калта на алкохолизмот.
Еднаш кај овој свештеник дошла една верничка и раскажала дека на сон ѝ се јавила неговата почината жена и ѝ рекла: „Налеј ми вотка“.
„Но ти никогаш не пиеше додека беше жива“, се зачудила верничката.
„Мојот маж ме навикна на тоа со своето сегашно пијанство“, – одговорила починатата.
Овој расказ толку многу го потресол свештеникот што тој засекогаш престанал да пие. Подоцна примил монаштво. Се упокоил во чин епископ.

Се викал — Епископ Василиј Родзјанко (+1999).
*
Еден студент на духовната академија одел на испит, недоволно добро познавајќи го материјалот. Во ходникот, на ѕидот, виселе портрети на научници и богослови кои во различни години предавале на академијата. Студентот молитвено му се обратил на еден од одамна упокоените професори, со молба — да му помогне да го положи испитот. И за цел живот запомнил колку очигледна била таа помош.
Испитот го положил со „одличен“, цело време чувствувајќи мирна, добронамерна поддршка од оној кому му се обратил.
И студентот подоцна станал монах, а потоа — епископ. Тоа е владиката Евлогиј Смирнов (+2020), митрополит Владимирски и Суздаљски.
А на портретот бил прикажан професорот на Московската духовна академија, митрополит Филарет Дроздов, кој подоцна бил канонизиран како свети Филарет Московски.
Оваа историја владиката Евлогиј ја раскажал кога Синодот собирал материјали за канонизацијата на светителот Филарет.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев