![]()
Влијанието на детството врз формирањето на личноста не може да се потцени. Нашите рани години ја поставуваат основата за идните односи, самодовербата и емоционалното здравје. Кога детето расте во атмосфера во која недостасуваат љубов и топлина, тоа може да има сериозни и долгорочни последици.
Во оваа статија ќе разгледаме седум карактерни црти што често се развиваат кај луѓе кои биле лишени од вистинска љубов во детството. Разбирањето на овие црти може да ни помогне подобро да ги разбереме таквите луѓе и, соодветно, да им покажеме повеќе сочувство и поддршка.
1. Тешкотии при создавање блиски односи
Кога детето не добива доволно љубов и топлина во детството, тоа може да доведе до сериозни проблеми при градењето блиски односи исполнети со доверба во зрелата возраст. Недостигот од емоционална поддршка во годините кога се формира личноста често создава длабоко чувство на несигурност.
Таквите луѓе се плашат да го отворат своето срце пред другите, стравувајќи од отфрлање. Како резултат на тоа, за да ја избегнат сопствената ранливост, ги држат луѓето околу себе на растојание, што го попречува создавањето смислени врски. Тоа не значи дека не сакаат блискост, туку дека стравот од болка ги тера да градат емоционални бариери.
2. Прекумерна амбициозност и перфекционизам

Луѓето лишени од љубов во детството често стануваат перфекционисти и се стремат кон врвни достигнувања, обидувајќи се на тој начин да го надоместат недостигот од одобрување и признание во детството. Тие развиваат погрешно убедување дека љубовта и признанието треба да се заслужат преку успех и постигнувања.
Таквиот став може да ги следи во текот на целиот живот, терајќи ги неуморно да се стремат кон идеалот, дури и на штета на сопствената благосостојба. Полека сфаќаат дека нивната вредност не зависи од успесите, но тој пат кон самоприфаќање може да биде долг и тежок.
3. Зголемена чувствителност на отфрлање
За човек кој пораснал во услови на недостиг од љубов, отфрлањето може да се доживее како нешто катастрофално. Истражувањата покажуваат дека емоционалната болка ги активира истите области на мозокот како и физичката болка, а кај луѓето кои во детството не добиле доволно приврзаност, таа болка може да биде особено силна.
Тие избегнуваат ситуации во кои е можно отфрлање, дури и ако тоа значи пропуштање важни можности. Ова е одбранбен механизам, создаден за да ги заштити од повторно доживување болка, но истовремено го ограничува нивниот потенцијал и способноста да создаваат длабоки врски.
4. Тешкотии при изразување емоции
Луѓето кои пораснале во емоционално студена средина често имаат тешкотии да ги разберат и изразат своите чувства. Како деца можеби се навикнале да ги потиснуваат емоциите за да избегнат конфликти или да се заштитат од болка.
Во зрелата возраст тоа ги прави да изгледаат емоционално оддалечени или рамнодушни. Всушност, тоа е само резултат на недостигот од искуство во изразување емоции. Таквите тешкотии можат негативно да влијаат врз нивните односи, создавајќи недоразбирања и чувство на отуѓеност.
5. Жед за признание и одобрување
Луѓето кои во детството не добиле доволно внимание и љубов често во текот на целиот живот се стремат кон признание и одобрување од другите. Ним им е потребна надворешна потврда дека прават нешто правилно, за да ја почувствуваат сопствената значајност и вредност. Оваа потреба може да се пројави како постојана жед за пофалби и признание.
6. Прекумерна независност
Парадоксално, недостигот од љубов во детството може да доведе до развивање прекумерна независност. Таквите луѓе се потпирале само на себе, бидејќи во детството немале кому да му ги доверат своите емоции и доживувања. Како возрасни, тоа ги прави независни и издржливи, но понекогаш оваа независност ги спречува да побараат помош или да прифатат поддршка од другите. За нив, да зависат од некого, дури и во здрава смисла, може да изгледа крајно ранливо.
7. Способност за поголемо сочувство
И покрај сè, луѓето кои како деца не добиле доволно љубов често имаат неверојатна способност за сочувство. Бидејќи искусиле емоционален недостиг, тие се чувствителни кон чувствата и потребите на другите. Нивното сопствено искуство ги научило колку се важни добрината, состраданието и поддршката.
Таквите луѓе често се првите што доаѓаат на помош и се обидуваат да спречат некој да се чувствува онака како што тие се чувствувале како деца.
Исцелувањето е можно
И покрај сите сложености што можат да произлезат од недостигот на љубов во детството, човечкиот дух има неверојатна способност за исцелување и растење. Разбирањето на минатото и неговото влијание врз сегашноста е првиот чекор кон ослободување од емоционалните окови. Со поддршка и самосвест, секој човек може да ги надмине своите внатрешни бариери и да изгради посреќен и поисполнет живот.
Без оглед на тоа какво било вашето воспитување, не заборавајте дека сте достојни за љубов, почит и благосостојба. Создавајќи атмосфера на топлина и разбирање околу себе, можете да придонесете за создавање посочувствителен и помилостив свет – и за себе, и за луѓето околу вас.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев