![]()
Никита Ракитјански
Семејството оди во црква — а тинејџерот се затворил во себе и не верува во Бога. Праведниот Јован Кронштатски ни покажува каде сме згрешиле.
Постои еден вид семејна несреќа за која во црковната средина не се сака да се зборува. Однадвор сè изгледа беспрекорно: се запазуваат постите, се чита молитвеното правило, детето се исповеда и се причестува според распоред. А внатре во него — празнина и отуѓеност. Тинејџерот ја следи неделната Литургија како обврска, дома се затвора во својата соба, и меѓу него и родителите, одеднаш, се отвора бездна.
Првото што го прават обичните родители е да ја бараат причината надвор. Смартфонот, лошото друштво, училиштето, туѓите влијанија. А тие самите — немаат никаква вина.
За проблемот би сакале да разговараме со некој што нема да ни ласка, туку со некој што е навикнат да зборува директно. Со праведниот Јован Кронштатски.
Околу четврт век отецот предавал Закон Божји во кронштатската гимназија и одблизу видел цело поколение кое надворешно било целосно православно — со задолжителни богослужби и потврди за постење и подготовка за Причест — а внатрешно веќе се приклонувало кон нихилизам и безбожие. Тој го видел изворот на тој внатрешен прелом и ја разбирал неговата природа. А водел и дневник, во кој мошне искрено пишувал за својата раздразливост и недостиг на љубов. Читаш — и не го препознаваш светителот од иконата, туку самиот себе.
Законот Божји, претворен само во оценка
Го прашуваме светителот за најважното: зошто нашите деца, израснати во храмот, толку лесно го напуштаат?
„Постои некаква лицемерна измама во училишната работа“, одговара пастирот, „кога Законот Божји е само еден од предметите во наставната програма. Во училиштето има вероучител, има програма, има оценка, показател на знаењето — и тоа е сè. Последиците од таквото поставување на наставата се навистина чудовишни“.

Ова било кажано за гимназијата и учителите, но зборот погодува право во нашето црковно секојдневие. Ние ја претворивме верата во наставен предмет со систем на оценки. Се помолил, отстојал богослужба, не јадел мрсно — положил. Се заинаетил, облекол нешто „неправилно“ за во црква — не положил и добил укор. Детето брзо ги сфаќа правилата на играта и се учи да го положува тој предмет со одлична оценка, без да вложи во него ни трошка срце. Ние се радуваме на оценките на своето чедо и не забележуваме дека сме му подметнале исушен цвет наместо жив: ливчињата како да се на место, формата е совршено зачувана, само што тој не мириса и не расте.
Раздразливост под маската на ревност за Бога
Но ние се трудиме заради спасението на детето! Се грижиме за неговата душа — зар тоа не е љубов?
Кронштатскиот пастир одговара така што човек посакува од срам да го спушти погледот.
„Злобата понекогаш доаѓа во срцето под изговор на ревност за славата Божја или за доброто на ближните“, пишува тој во дневникот. „Не верувај ѝ ни на својата ревност во таков случај: таа е лага или ревност не по разумот“.
Токму тука станува непријатно. Нам ни се чини дека го повишуваме гласот на тинејџерот од љубов кон Бога. А всушност зборува повреденото родителско самољубие: тој се осмелил да не нè послуша, нè прикажал како лоши верници, и ние го казнуваме детето за тоа, прикривајќи се со благочестие. Притоа зборовите можат да бидат беспрекорно правилни. Несреќата е во тоа што без љубов и најточната реченица стигнува до чедото како студен звук — тоа не ја слуша нејзината смисла, го слуша само раздразнувањето и се повлекува.
Децата бегаат од студенило, а не од Христос
Тие си заминуваат од Црквата. Одат кај световни другари, во друштва што ние ги сметаме за сомнителни. Зошто таму?
Таму, во секуларниот свет, со сите негови несовршености, тинејџерот е прифатен без никакви услови. А дома љубовта кон него е ставена во зависност од исполнувањето на правилата. Излегува дека световниот свет му дава топлина на детето, а верното семејство го пречекува со студенило и забелешки.
Детето ја избира топлината — и кој ќе фрли камен врз него? Тоа не бега од Христос, Кој не се гледа зад нашите поуки и укори. Тоа бега од студенилото на домашното фарисејство, погрешно мислејќи дека тоа е вистинското лице на верата.
Кога родителот треба да замолчи
Што тогаш да се прави? Тука светиот отец не ни остава простор за изговор.
„При воспитувањето е крајно штетно да се развива само разумот и умот, а срцето да се остава без внимание“, запишува тој, „на срцето треба да му се обрне најголемо внимание“. И додава: „Најмногу од сè учете го јазикот на љубовта, најживиот, најизразителниот, најсилниот јазик“.
Излегува дека треба да почнеме не од детето, туку од себе. Да го признаеме сопствениот духовен банкрот, да престанеме да држиме проповеди и да замолчиме. И, можеби, првпат по многу години да му побараме прошка на тинејџерот — затоа што со себе сме Го засениле Бога, сме го замениле Неговото живо лице со своето, раздразнето. Тоа не е педагошки метод со гарантиран резултат. Нема гаранција дека детето по нашите зборови ќе се врати во Црквата. Но токму од чувството на родителска немоќ најчесто почнуваат некакви промени на подобро.
Дојдовме кај праведниот Јован по рецепт како да го поправиме непослушното дете, а си заминуваме со изобличување на самите себе. Се покажува дека промената не треба да се случи во детската соба, туку во нашето сопствено срце, оладено од рутинско благочестие.
Последниот збор му останува на светителот.
„Животот на срцето е љубовта“, вели праведниот Јован Кронштатски, „а неговата смрт е злобата и непријателството. Господ нè држи на земјата токму затоа, за љубовта целосно да го проникне нашето срце: тоа е целта на нашето постоење“.
Задачата на воспитувањето на децата не е во поправање на нивното однесување и упорно навикнување на посетување богослужби, туку во тоа нашата љубов конечно да проникне таму каде што одамна се населило студенило. Само од тоа почнува обратниот пат кон Бога — и нашиот, и на нашите деца.
Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев