![]()
Во една своја беседа, еден поранешен јеромонах раскажува за еден настан од некое негово поклоничко патување во Светата Земја. Имено, во тој ден се празнувал празникот Преображение Господово, и тогаш, по обичај, сите одат на гората Тавор каде што има православен манастир и таму го одбележуваат празникот.

Во дворот на манастирот седнала една постара жена, со очигледни знаци на демонизираност. Поминала покрај неа една девојка, разголена, со кратки пантолони, со белегзии на нозете, со „модерен“ изглед. И тогаш демонизираната почнала да вика по неа: „Ете, така те сакам! Кукла на баба! Така треба, да бидеш модерна!“ По некое време поминало едно руско семејство со својата ќерка, која била веројатно во основно образование. Девојчето било облечено со долг фустан, со шамија на главата, како што е традиција кај руските жени и девојки. И тогаш демонизираната почнала да вика по неа: „Види се што ти направиле, како те преправиле! Фрли ја шамијата, дотерај се, биди убава, а не вака!“ По некое време покрај неа поминал и тогашниот отец ХХ, со долга брада, со камилавка, со расо, како традиционален свештеник. И тогаш демонизираната почнала да вика по него: „Зошто имаш долга коса и брада? Ќе те направам да бидеш модерен, да фрлиш сѐ, да бидеш модерен поп!“ Отецот се помолил на Бога, да го избави од тоа искушение. Во продолжение жената почнала гласно да вика: „Разбудете се! Разбудете се! Вашиот Цар слави денес, а вие абер немате и ништо не разбирате!“
Неколку години после овој настан, навистина, полека полека, отецот ја скрати косата, ја скрати брадата, ја извади камилавката и на крај ја фрли и мантијата – т.е. се откажа од свештенството и од монаштвото. Ѓаволот успеа да обработи таков исклучителен свештеник и проповедник, спонтано, токму според зборовите на демонизираната жена. „Кој мисли дека стои, нека пази да не падне“ (1.Кор. 10,12).
Свештеник Јани Мулев