![]()
Хорхе Букај
Еден древен мит на Индијанците Сиукси раскажува дека еднаш, во шаторот на стариот шаман на племето, дошле фатени за рака Дивиот Бик, најхрабриот и најпочитуван млад воин, и Високиот Облак, ќерката на поглаварот, една од најубавите жени во племето.
„Се сакаме“, почна младиот.
„И ќе се венчаме“, рече таа.
„И толку многу се сакаме, што се плашиме…“
„Би сакале некаква магија, амајлија, талисман…“
„Нешто што ќе ни гарантира дека засекогаш ќе бидеме заедно.“
„Нешто што ќе ни обезбеди дека ќе бидеме еден покрај друг, сè додека не го сретнеме Маниту, во денот на нашата смрт“.
„Те молиме“, го преколнуваа, „кажи ни што можеме да направиме…“
Шаманот ги погледна и се трогна гледајќи ги толку млади, толку вљубени, како со таков копнеж чекаат еден негов збор.
„Има нешто…“, рече најпосле мудриот шаман, по подолго молчење. „Но, не знам… тоа е многу тешка задача и бара жртви“.
„Не ни пречи“, рекоа обајцата.
„Што и да е“, потврди Дивиот Бик.
„Добро“, рече шаманот. „Висок Облак, го гледаш ли планинскиот врв северно од нашето село? Треба сама да се искачиш таму, без ништо друго освен една мрежа и твоите раце, и да го уловиш најубавиот и најсилниот сокол на планината. Ако го фатиш, треба да го донесеш овде жив, на третиот ден по полната месечина. Разбра?“
Младата девојка молкум кимна со главата.
„А ти, Див Бик“, продолжи шаманот, „треба да се искачиш на Планината на громот. Кога ќе стигнеш на врвот, треба да го уловиш најдивиот од сите орли, само со твоите раце и со една мрежа, без да го повредиш, и да го донесеш пред мене жив, истиот ден кога ќе дојде и Висок Облак… Одете сега“.

Двајцата млади се погледнаа со нежност, а потоа, по една минлива насмевка, тргнаа да ја исполнат задачата што им беше дадена. Таа замина кон север, а тој кон југ…
Во определениот ден, пред шаторот на шаманот, чекаа двајцата млади, секој со по една платнена торба во која се наоѓаше птицата што му беше побарана.
Шаманот им рече многу внимателно да ги извадат птиците од торбите. Младите направија како што им беше кажано и му ги покажаа на старецот птиците што ги уловиле, за да ги одобри. Без сомнение, беа прекрасни — најдобрите од својот вид.
„Летаа ли високо?“ праша шаманот.
„Да, секако. И ние, како што ни побаравте… А сега?“ праша младиот. „Ќе ги убиеме ли и ќе ја испиеме честа од нивната крв?“
„Не“, рече старецот.
„Да ги зготвиме ли и да ја изедеме храброста од нивното месо?“ – предложи младата девојка.
„Не“, – повторно рече старецот. „Направете како што ќе ви кажам. Земете ги птиците и врзете ги една со друга за нозете со овие кожни ремени… Откако ќе ги врзете, пуштете ги да си одат, да полетаат слободно“.
Воинот и младата девојка направија токму како што им рече шаманот, и на крај ги ослободија птиците.
Орелот и соколот се обидоа да полетаат, но единственото што успеаја да го направат беше да се вртат во круг и повторно да паѓаат на земја. За неколку минути, вознемирени затоа што не можеа да полетаат, птиците почнаа да се напаѓаат една со друга со клукање, сè додека не се ранија.
„Тоа е магијата. Никогаш не заборавајте го она што го видовте денес. Сега и вие сте еден орел и еден сокол. Ако се врзете еден за друг, дури и ако го направите тоа од љубов, не само што ќе се влечете низ животот, туку, порано или подоцна, ќе почнете да се повредувате еден со друг. Ако сакате вашата љубов да трае засекогаш, летајте заедно, но никогаш врзани“.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев