![]()
Протојереј Димитриј Аргирис
Исповедта е голем Божји дар за човекот. Таа е лечилиште на душата, пристаниште на враќањето, прегратка на Отецот Кој го чека Своето дете да се врати. Но таа не е обична навика, ниту формален религиозен чин што го правиме за да кажеме дека сме се „средиле“. Исповедта не е миење на душата без труд, без свест, без промена. Таа е Света Тајна, но за да дејствува во нас, потребно е да има срце кое боли, се смирува и сака да се промени.
Без покајание, исповедта останува бесплодна. Човек може да ги каже своите грешки, да ги наброи своите гревови, да се сети на случки, зборови, дела и помисли, но ако во него нема одлука да стане, тогаш исповедта станува само извештај за настани. Не станува враќање. Не станува исцеление. Не станува нов почеток.
Покајанието не значи само дека ми е жал. Многумина жалат затоа што им е повредена гордоста, затоа што се открила нивната грешка, затоа што ја изгубиле сликата што ја имале за себе. Вистинското покајание е нешто подлабоко. Тоа значи срцето да боли затоа што се оддалечило од Бога. Тоа значи човекот да сфати дека гревот не е само прекршување на правило, туку рана во неговиот однос со Бога, со ближниот и со самиот себе.
Човекот што се кае не оди на исповед за да се оправда. Не оди за да докаже дека „другите се повеќе виновни“. Не оди за да се прикаже себеси помалку виновен и повеќе онеправдан. Оди и вели: Господи, јас згрешив. Јас повредив. Јас се оддалечив. Јас имам потреба од Твојата милост. Оваа реченица го отвора небото. Ова смирение исцелува. Оваа искреност ја донесува Божјата благодат.

Исповедта без покајание личи на човек кој оди на лекар, точно ја кажува својата болест, ја слуша терапијата, но излегувајќи од ординацијата продолжува да го прави истото што го разболува. Каква полза има да ја знаеш својата рана, ако не сакаш да се исцелиш? Каква полза има да го кажуваш својот грев, ако веќе си го избрал како начин на живот? Каква полза има да бараш прошка, ако немаш никаква желба да го оставиш она што те уништува?
Се разбира, покајанието не значи дека од мигот на исповедта човекот станува безгрешен. Никој не се исцелува магиски. Никој не престанува да се бори. Борбата продолжува. Падови може да има. Слабоста може повторно да се појави. Но има разлика меѓу човек кој паѓа и го боли, и човек кој паѓа и тоа го смета за нормално. Има разлика меѓу оној што се бори, макар и со тешкотии, и оној што не сака да направи ниту еден чекор.
Бог не бара од нас лажна совршеност. Бара искрено срце. Не бара да немаме рани. Бара да Му ги покажеме. Не бара да бидеме силни сами од себе. Бара да Му кажеме: Господи, без Тебе не можам. Тоа е почетокот на спасението. Кога човекот ќе престане да се претставува како праведник и ќе застане пред Бога како грешник кој бара милост, тогаш започнува вистинското исцеление.
Големиот проблем на нашето време е што многумина сакаме прошка без промена, разрешување без борба, утеха без покајание. Сакаме Бог Кој ќе нè успокои, но не и Кој ќе нè преобрази. Сакаме да нè љуби, но не и да нè изобличува. Сакаме да ни простува, но не и да нè повикува на нов начин на живот. Но Христос не дојде за да нè остави такви какви што сме. Дојде за да нè воскресне. А воскресението минува преку крстот на покајанието.
Да не се залажуваме. Не е покајание да велиме: „Таков сум јас“. Не е покајание секогаш вината да ја префрламе на другите. Не е покајание да се исповедаме, а потоа да продолжиме со истата суровост, истата злоба, истото осудување, истата гордост, истата неправда. Не е покајание да бараме од Бога да ни прости, додека ние никому не простуваме. Не е покајание да се причестуваме со Пречистите Тајни, а во себе да чуваме омраза, тврдоглавост и одмазда.
Вистинската исповед се гледа после исповедта. Се гледа дома, во семејството, на работа, во парохијата, во нашето однесување. Се гледа во начинот на кој зборуваме, слушаме, простуваме, попуштаме, бараме прошка. Се гледа кога човекот што нè познава ќе каже: Нешто се промени во него. Стана помирен. Посмирен. Повнимателен. Почовечен.
Нема поголема радост за Бога од човек кој се враќа. Не од човек кој само кажува зборови, туку од човек кој внатрешно клекнува и вели: Оче мој, не сакам повеќе да живеам далеку од Тебе. Овој глас не се губи. Бог го слуша. И тогаш исповедта станува Воскресение. Станува нов почеток. Станува светлина таму каде што имало темнина.
Затоа, да престанеме да ја гледаме исповедта како обврска пред големите празници или како формална влезница за Света Причест. Исповедта е средба со Христос. А пред Христос не одиме со маски. Одиме такви какви што сме: слаби, ранети, уморни, но искрени. Не за да нè отфрли, туку за да нè исцели.
Духовникот не е судија кој чека да осуди. Тој е сведок на покајанието, отец кој слуша, лекар кој помага, водач кој покажува пат. Но ни најдобриот духовник не може да му помогне на човек кој не сака да се промени. Божјата благодат е семоќна, но не ја присилува нашата слобода. Таа чека вратата на срцето да се отвори однатре.
Затоа, пред да одиме на исповед, да застанеме малку сами со себе. Да замолчиме. Да направиме чесна проверка на своето срце. Не само што сме направиле, туку зошто сме го направиле. Не само кого сме повредиле, туку зошто не сме побарале прошка. Не само каков грев имаме, туку кој грев сме го засакале и не сакаме да го оставиме. Таму е нашата вистина. Таму започнува покајанието.
И кога ќе излеземе од Светата Тајна, да не останеме само на умилението. Умилението поминува. Одлуката останува. Да направиме еден мал чекор. Да прекинеме еден лош збор. Да запреме една неправда. Да се помириме со еден човек. Да се молиме повеќе. Да побараме прошка. Да го ограничиме осудувањето. Да направиме милостина. Да го задржиме својот јазик. Да го омекнеме своето срце.
Бог го благословува малиот чекор кога е вистински. Не го презира слабиот човек кој се бори. Но ја презира лицемерноста, непокајанието, духовната мрзливост која се облекува во религиозни зборови. Зашто едно е да сум слаб и да барам помош, а друго е да сум непокајан и да барам само потврда.
Да кажеме јасно: исповедта не е магиско бришење без лична одговорност. Таа е прошка која бара одговор. Таа е милост која раѓа борба. Таа е простување кое повикува на нов живот. Христос ѝ рече на жената грешница: „Ни Јас не те осудувам“. Но додаде: „Оди и отсега не греши повеќе“. Тоа значи: ти простувам, но не се враќај во истото ропство.
Тоа е духот на Црквата. Не очај, но ни лекомисленост. Не суровост, но ни исмејување со светото. Не страв што крши, туку страв Божји што ја буди душата. Не вина што нè распаѓа, туку покајание што нè воскреснува.
Браќа мои, да не го губиме овој голем дар. Да не излегуваме од исповед исти како што сме влегле. Да оставиме нешто зад себе: една гордост, една страст, едно непријателство, една лоша навика, едно лажно оправдување. И да понесеме со себе нешто ново: смирение, надеж, мир, одлука, борба.
Зашто без покајание, исповедта е бескорисна.
Но со покајание, таа станува чудо.
Станува враќање на блудниот син.
Станува солза што очистува.
Станува рана што се исцелува.
Станува темнина што се просветлува.
Станува човек кој повторно Го наоѓа Бога.
И тогаш душата може вистински да каже:
Господи, дојдов ранет, но не сакам да заминам ист.
Дојдов грешен, но не сакам да го љубам својот грев.
Дојдов паднат, но сакам да станам.
Прими го моето покајание и направи мојата исповед да биде почеток на нов живот.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев