![]()
Старец Емилијан Симонопетриски
Да се поврземе со светителот чие име го носиме, или со свети Јован Крстител, кој е многу близок и лесно пристапен; тој ги слуша дури и муслиманите. Да се поврземе со свети Никола, кој оди и кај грешниците и кај престапниците и ги спасува. Да се поврземе со Пресвета Богородица. Кој ѝ се обратил на Пресвета Богородица и останал без одговор? Кој не го слушнал нејзиниот глас, кој не го примил нејзиното милување? Пресвета Богородица ја повикуваат дури и од пеколот; а колку повеќе ние, кои сме надвор од пеколот. Да имаме, колку што можеме, свои застапници. И, несомнено, кој не знае дека светителите се живи личности, дека се „во Божјата рака“ и затоа можат и самите да дејствуваат?…

…Еден монах упорно го молел свети Симеон, ктиторот на Симонопетра, за нешто, но изгледало невозможно тоа да се оствари. Тогаш отишол кај отец Ефрем и му се пожалил дека неговите молитви отишле напразно. „Ајде, оди си“, му рекол тој. „Молитвата никогаш не оди напразно. Зарем ќе отиде напразно застапништвото на еден светител кој стои лице в лице пред жртвеникот Божји, и кој може во своето застапништво да ги повлече сите светители што се околу него?“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев