![]()
Архимандрит Павлос Пападопулос
И не мислам на молитва како оној брз крст што го направи, или на двата непотполни збора што ги кажа пред да легнеш.
Кога навистина се помоли?
Барајќи милост и просветление?
Кога клекна, престанувајќи да се занимаваш со сè друго, и се помоли со покајание, со славословие, со смирение?
Да не се залажуваме…
Можеби читаме и знаеме многу за богословски прашања.
Можеби сме известени за сите црковни настани.
Можеби одиме по манастири.
Можеби разговараме со духовни луѓе.
Можеби редовно одиме во црква…
Можеби палиме дваесет свеќи и десет кандила пред иконите во нашиот дом; можеби кадиме седум пати дневно во куќата…

Но ако ја немаме молитвата во својот живот, тогаш да не очекуваме духовен напредок.
Едно е да читаш за некого или да се информираш за нечиј живот, а друго е да имаш однос со него.
Молитвата е таа што нè доведува во непосредно општење со Бога. Таа е Алфа и Омега на нашиот однос со Бога.
Човек што не се моли, нема однос со Бога. Може да знае нешто за Бога, или да вели дека верува во Бога, но однос со Бога нема.
Заедничка особина на нашите светители е молитвата. Било во пустина, било во светот. Било во пештери, било во дворци.
Молитвата не е само за нашите вонредни потреби. Но, за жал, така најчесто станува, затоа што нашето сфаќање за Бога е погрешно.
За жал, ќе се помолиме само кога нешто ќе тргне наопаку во нашиот живот. А тоа покажува дека Бога Го спомнуваме само тогаш. И токму тоа докажува дека не се грижиме за своето спасение, туку за својата земна благосостојба.
Свети Порфириј рече: „Во мојата молитва не барам да оздравам, туку да станам добар“.
Гледате?
Ние бараме да оздравиме, да ни биде добро, да се чувствуваме добро, но не бараме да станеме добри, па макар и тоа да нè чини.
Одиме кај духовникот и бараме магични решенија. Тој ни вели да ја внесеме молитвата во својот живот, а ние негодуваме.
Бараме од отците да се молат за нас, но ние самите не се молиме за себе!
Што е, всушност, она што го бараме?
Да ни биде добро или да станеме добри?
Да бидеме среќни или да станеме свети?
Да нè љубат или да љубиме?
Нашиот земен живот да биде рајски или вечно да се спасиме?
Кои се нашите приоритети?
Тие јасно се покажуваат според тоа дали се молиме и како се молиме.
Сè друго се наши измамливи привиденија.
Кога, значи, последен пат се помоли?
А ако се молиш, што велиш и што бараш?
Не ми одговарај.
Размисли и одлучи што сакаш.
Не те обвинувам за она што го сакаш — тоа е твое право.
Но ти велам дека човекот кој се грижи за своето спасение, во центарот на својот живот ја има молитвата.
Без молитва нема духовен живот…
Молитвата е прибежиште на христијанинот. Таму ги наоѓа одговорите, мирот, надежта, утехата, милоста. Зашто таму Го наоѓа Христос. Таму доаѓа благодатта на Утешителот и ги просветлува нашите темнини, го преобразува нашето срце, му дава друга перспектива на нашиот живот.
Молитвата е здив на животот, одмор на душата, таинствено и светотаинско обесмртување на тленото.
Таа е откровение на вистината, доживување на вечноста, мајка на солзите, основа на покајанието, поткрепа во жалостите, ангелско дело, израз на славословие и благодарност, отпор кон искушенијата…
Во тишината на молитвата се случиле најголемите чуда, најголемите откровенија и богојавувања.
Оние што ги доживеале и ги доживуваат некои молитвени луѓе, кои нашето око и не ги забележува…
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев