Зрел духовник

Spread the love

Loading

Димитри Карајанис

Неодамна, во рамките на една семејна терапевтска средба, работев со еден брачен пар со четири деца, кои беа родени во рамките на една лажно наречена послушност. Стануваше збор за двајца религиозни млади луѓе кои постојано се караа околу тоа кој повеќе се уморува. Истовремено, нивните деца, емоционално напуштени, правеа неподнослива врева.

Ги прашав како замислуваат дека живеат луѓето кои не се во просторот на Црквата. Ми ја изразија својата увереност дека оние „надвор“ живеат подобро, бидејќи не се обврзани да се потчинуваат на правилата на Црквата. Ова за нив беше така, затоа што добродетелта не беше плод на слободна желба и на подвигот што произлегува од неа, туку значеше усогласување со морални правила кои се доживуваа како ограничувања.

Едно основно согледување во работата со брачни парови е дека честа причина за проблеми е вмешувањето на трети лица во сопружничкиот однос. Триангулациите што се создаваат секогаш се болни, бидејќи, иако во почетокот имаат цел да ги измазнат тензиите кај парот, на крај водат кон нови, уште поболни заплеткувања. Триангулациите во ситуации на вонбрачна врска лесно се препознаваат. Но триангулациите во поширокиот семеен систем — со родителите, децата, пријателите или духовните советници — не секогаш се забележуваат навреме.

Духовните советници кои го притискаат младиот брачен пар за раѓање дете, треба да се запрашаат дали навистина се однесуваат на духовниот пат на парот, или, пак, индиректно се вмешуваат од свои лични причини, без да го препознаваат тоа. Советник чија духовност се ограничува на набројување опасности во моралното однесување, се вознемирува пред слободата на младите и ненамерно го поттикнува постоењето на проблеми, за потоа да може да придонесе во нивното решавање.

Зрелиот духовник, кој доживеал лична врска со Бога, го почитува и чувствува свештен трепет пред љубовниот однос на брачниот пар и не сака да знае детали. Се радува кога гледа радосни погледи и тајни кодови на комуникација меѓу сопружниците, и не ја прави грешката да се вмеша.

Зрелиот духовник, кој доживеал лична врска со Бога, од својот личен пат ги познава неподносливите мигови кога почувствувал дека немоќта го преплавува, и затоа знае да ги охрабри сопружниците во нивните сопствени недостатоци.

Зрелиот духовник, кој доживеал лична врска со Бога, знае да го растури потценувањето на секојдневието, бидејќи го сфаќа како печка што ја согорува секоја површна добродетел.

Зрелиот духовник, кој доживеал лична врска со Бога, ги посочува патиштата по кои брачниот пар ќе оди за да го избегне затворањето во рамките на една задушувачка двојка, која не знае да ја споделува љубовта со другите.

Зрелиот духовник, кој доживеал лична врска со Бога, го поттикнува зачувувањето на нежноста низ времето, надвор од закоравеноста што се заканува да се рашири низ битието и да го разјаде како некаков друг вид рак.

Зрелиот духовник, кој доживеал лична врска со Бога, знае не само да не го потценува бракот, туку и да го препознае како мегдан на кој се испитува автентичната храброст на духовноста.

Поистоветувањето на раѓањето деца со љубовниот однос на брачниот пар се темели врз едно архаично и недиференцирано сфаќање — и на љубовната желба, и на човечката ипостас. Ова искривено сфаќање смета дека, наводно, љубовниот однос се оправдува и се дозволува само заради раѓање деца. Ова искривено сфаќање, кое љубовта ја разбира само со поимите на блудот, доаѓа дотаму што отсуството на љубовниот однос го смета за наводно достигнување.

Ова искривено сфаќање ја потценува вредноста и значењето на сексуалноста, бидејќи ја разбира како исклучена од светоста на нејзиното дејствување. Ова искривено сфаќање ја „дозволува“ сексуалноста во брачниот пар затоа што, „ако некои слаби луѓе бидат лишени од неа, може да бидат одведени кон нешто полошо…“, и не е способно да ги замисли можностите што сексуалноста ги нуди во целокупниот пат на брачниот пар.

Љубовниот однос на сопружниците не претставува само излез за сексуалните потреби, туку нуди можност за исцелување на истрошеноста што секојдневието ја нанесува врз брачниот однос. Согледувањето на сопствената недоволност, приближувањето кон другиот со неговата неопходна согласност, динамиката на нежноста што се развива, прекинот — макар и за кратко — на занимавањето со проблемите на преживувањето, чувството на надминување на просторот и времето, силата на изливот на задоволство што ти се дарува — сето тоа се некои од составните елементи што ја прават љубовната средба на сопружниците Божји дар.

Многубројни истражувања, кои ги испитуваат семејните фактори поврзани со емоционалното здравје, покажале дека зголеменото сексуално задоволство на родителите во текот на бракот е поврзано со психичкото здравје на децата. Освен тоа, постоењето на топол, љубовен и поддржувачки однос меѓу сопружниците се покажува како основен и значаен фактор. […]

Љубовта подразбира подвиг кој не бара удирање и разградување на сопственото јас во рамките на едно лажно самопонижување, туку надминување на себеси во средбата со другиот. Љубовта е постојан пат и средба на личности. Затоа, денес потребно е љубовен став кон целиот живот — значи, признавање на вредноста на самиот живот.

Двајца луѓе кои се сакаат, кои се чувствуваат убаво и одговорно во однос на својот живот, имаат можност да доживеат и други нивоа на убавина и благодат. Добивањето дете — тоа несфатливо чувство на создавање заедно со Бога — бара преземање ризик, а според тоа и споделување. Споделување на брачниот пар што е убаво, без разлика дали станува збор за споделување на љубовната средба, или за споделување на неискажливата радост дека ти е дозволено да го живееш чудото на животот.

Чудото на животот — било да се однесува на дете од 11 милиметри, како што една млада жена со сладок трепет зборуваше за своето неродено дете и за неговото срценце што чукаше; било да се однесува на тинејџер од 1,80 м, кој решава да ја бара сопствената идентичност. Секогаш имајќи предвид дека тоа дете не ти припаѓа.

Често гледаме како кај некои духовници се појавува страв: да не остане брачниот пар сам некое време, без деца; да не се зарадува на својата љубов. Тие не сфаќаат дека е потребно време за да се изгради сопружничкото заедништво во односот. Потребен е процес за да се создаде заедничкиот идентитет, заедничкиот став кон животот, за детето што ќе дојде да најде цврста основа за својот сопствен пат.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!