Поука за озборувањето

Spread the love

Loading

Архимандрит Павлос Пападопулос

Некогаш имало една жена која го сакала озборувањето. Таа дошла со покајание да се исповеда кај еден свештеник. Свештеникот љубезно ја примил, го ставил епитрахилот и ја поттикнал да почне да му ги кажува своите грешки. Но жената се двоумела.

По некое време, и по убедливите зборови на свештеникот дека нема потреба да се срами или да се плаши да ги признае своите грешки, жената почнала да му ги раскажува зборовите, осудувањата и секаквите озборувања што цел живот ги кажувала за луѓе — било за оние што ги познавала, било за оние што никогаш не ги ни сретнала.

Свештеникот ја слушал трпеливо. Кога завршила, тој станал. Ѝ ја прочитал разрешителната молитва. Жената помислила дека сè е готово и тргнала да си оди.

Но свештеникот ѝ рекол:

„Не брзај. Сакам да одиш дома, да ја земеш својата перница и да се качиш на терасата. Таму земи нож и расечи ја перницата на два дела. Сакам да го направиш тоа и да забележиш што ќе се случи. Дојди утре да ми кажеш што се случило“.

Жената отишла и направила како што ѝ рекол свештеникот.

Следниот ден повторно дошла кај него.

„Направив како што ми рековте“, – рекла жената.

Тогаш свештеникот ја прашал:

„Што забележа додека ја сечеше перницата?“

Жената без двоумење одговорила:

„Штом почнав да ја сечам перницата, почнаа да излегуваат пердувите што беа во неа и да се разлетуваат насекаде… Некои ги понесе ветерот и ги однесе многу далеку“.

По овој краток опис, свештеникот ѝ рекол:

„Сега, пак, сакам да одиш дома и да ги собереш сите оние пердуви што беа во твојата перница“.

Жената се збунила.

„Но што велите, отче? Како да ги соберам сите тие пердуви? Само Бог знае каде ги однел ветерот. Тоа што го барате е невозможно“.

Свештеникот ја погледнал во очи, исполнет со мир, и ѝ рекол:

„Ете, тоа е озборувањето!“

Жената занемела. Разбрала дека, иако се покајала за она што го кажала, нејзините зборови и понатаму рануваат луѓе и стануваат причина за соблазна и кај други.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!