![]()
о. Харалампос Ливиос Пападопулос
Не знам дали луѓето околу нас ја сакаат нашата среќа, дали сакаат да нè гледаат радосни, но знам Некој Кој тоа многу го сака — а тоа е Бог.
Иако многумина, во Негово име, ги плашеа и им се закануваа на луѓето, ги исполнуваа со вина и стравови, Самиот Бог сака да нè гледа радосни и среќни, и тоа ни го извикува преку Своето Слово: „Радувајте се секогаш со радоста што ја дава заедницата со Господ.
Ќе кажам пак: радувајте се… За ништо не грижете се, туку во секоја прилика вашите барања упатувајте ги кон Бога со молитва и молење, придружени со благодарност…“ (Филип. 4, 4.6).
За жал, веќе многу години се прошири сфаќањето дека колку построго и потажно изгледаш, толку повеќе си човек Божји. Но, тоа е огромна лага.
Ако самите сте ги запознале, или ако прашате луѓе што ги познавале нашите современи светители — на пример, свети Пајсиј, свети Порфириј, свети Јаков и други — ќе видите колку радосни и ведри луѓе биле.
Се смееле, се шегувале, ширеле надеж, блескале од радост и од Христовата светлина. А ние, пак, гниеме во нашата сериозност и морализам. Се исполнивме со грижа и вина, со неврози кои, всушност, Го спречуваат Бога да нè посети.
Една од основните лекции на кои нè учи Божјото слово, за да почнеме да чекориме по патот на радоста, е да престанеме да се грижиме.
Видовте како вели? „За ништо не грижете се, туку во секоја прилика вашите барања упатувајте ги кон Бога со молитва и молење, придружени со благодарност…“
Како ќе имаме радост кога сме задушени во помисли и мисли на вознемиреност? Кога се грижиме за сè и за сите? Дали некогаш сте размислиле од каде произлегуваат оваа грижа и вознемиреност? Сосема јасно — од нашиот егоизам да контролираме сè.

Во суштина, станува збор за еден вид неверие, бидејќи сметаме дека Бог не знае и дека не промислил за сè. Како да Му велиме на Бога: „Не е сè под Твојата Промисла, остави јас да се погрижам…“ Затоа и се обидуваме со нашиот ум и со нашите мисли да решиме сè.
А резултатот? Внатрешен хаос. Грижа, нервоза, напнатост, страв и несигурност. Како можеш во такви услови да бидеш среќен? Едноставно — не си. Уплашен си и намуртен, а порано или подоцна и тажен.
И сега ве прашувам: дали некогаш со грижа сте решиле некој проблем? Најверојатно само сме ги направиле работите полоши. Што добиваме? Грижа, огромна загуба на енергија, која нè тера да ја изгубиме нашата насмевка.
Вознемиреноста не може да го промени минатото и не може да ја контролира иднината, но може да ти ја уништи сегашноста на твојот живот. Да, тоа го прави многу вешто.
Молитвата не е последното решение откако сме пробале сè. За молитвата да стане извор на радост и внатрешен мир, треба да биде секојдневен разговор со Бога, препуштање и предавање на Неговата волја.
Доверба и сигурност дека Тој ме љуби и нема да дозволи ништо што е против мене, дури и ако мојот ум тоа го протолкува како катастрофа.
Не можете истовремено да се грижите и да бидете среќни. Токму затоа првиот чекор кон среќата е да престанете да се грижите — и да почнете да се молите! Не е секогаш лесно да го направиме тоа, но да почнеме, да пробаме. Вреди.
Кога ќе престанете да се грижите и ќе почнете да се молите, ќе најдете нова сила во вашиот живот, живеејќи секој ден според Божјите цели.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев