![]()
О. Хараламбос Ливиос Пападопулос
Молитвата не е долг список на барања упатени кон Бога. Не се молам само кога сакам нешто или кога се плашам од нешто.
Пред сè, се молам за да влезам во однос со Бога. Тој е мојата љубов и мојот копнеж.
Му зборувам и Тој ми зборува; Го гледам и Тој ме гледа. А кога ќе напредува тој однос, тогаш веќе нема ни потреба да Му зборувам — доволно е да бидеме заедно во истиот простор на тишината.
Што да кажеш кога љубовта кажува сè? Кога чувствуваш — не зборуваш. Кога љубиш — нема потреба да објаснуваш; другиот знае, чувствува што чувствуваш за него.

А кога и тој многу те љуби, тогаш знае што сакаш уште пред да го кажеш. Затоа свети Исаак вели дека во Царството Божјо јазикот на кој ќе зборуваме ќе биде тишината. Да. Зашто ќе зборуваме со љубовта, па затоа зборови нема да бидат потребни. Сè ќе биде Присуство, чувство на длабока полнота.
Но овде, на оваа земја, во светот во кој живееме, доживуваме болка, тешкотии и искушенија. Нашите сили пукаат, нашите надежи се свиткуваат. Душата ни се затемнува и сака светлина. Имаме потреба да зборуваме, да споделиме, да ги принесеме во заедница нашите маки и болки.
Чувствителниот свети Григориј Богослов велеше: „Деца, зборувајте, зборувајте, па макар и во воздух…“ Кажи Му на Бога што те мачи, што те ранува; скарај се со Него. Да. Бог сака сè да Му кажуваме; знае дека ни е потребен.
Еднаш една млада жена го изгубила својот сопруг. И тоа млад човек. Борба со рак. Му се јавила по телефон на отец Ананиј Кустенис. Тој ѝ рекол: „Дојди веднаш тука, те чекам…“
Отишла во неговата ќелија. Штом ја видел, ја прегрнал, ѝ дозволил да плаче, да вика; и тој плачел заедно со неа. Потоа ја свртел кон иконата на Христос и ѝ рекол, на свој начин: „Истури Му сè… кажи Му што ти тежи, пожали Му се; Тој е жив и те слуша, извади ја својата болка…“
Таков е односот со Бога — жив. Се сакаме и се караме, се наоѓаме и се губиме; понекогаш нè остава да заминеме, а понекогаш повторно нè собира назад. Но сигурно е дека секогаш е со нас, особено тогаш кога не го чувствуваме тоа.
Затоа молитвата е, пред сè, однос со Бога; потоа славословие и благодарење; потоа исповед, празнење на срцето, зборување и споделување со Христос на сите наши маки и проблеми. И на крај Му велиме: „Направи како што мислиш. Јас го сакам ова, но не знам дали ми е полезно, дали ми е потребно. Ти знаеш. Ти дај ми го она што навистина ми е потребно“. Навистина, кој знае што навистина му е потребно?
Нашата желба се губи во темнината на несвесното; непознати сме пред сопствениот лик. Само едно добро знам, Христе мој: далеку од Тебе ми е студено и чувствувам самотија, тага и пустош. Само во Твојата прегратка се стоплувам. Затоа држи ме, за да не ме изгубиш… Доволно ми е да знам дека си тука, дури и кога не го гледам тоа секогаш; доволно ми е да го чувствувам…“
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев