![]()
Преподобен Пајсиј Светогорец
Не земајте една негова болка и не правете го од неа целото негово лице.
Не земајте една негова борба и не правете го од неа целото негово име.
Човекот е икона Божја.
А иконата Божја не престанува да биде Негова икона затоа што е ранета, затоа што се збунила, затоа што се бори, затоа што носи крст што другите не го разбираат.
Еден има еден крст.
Друг има друг.
Еден се бори со телото.
Друг со гордоста.
Друг со осаменоста.
Друг со отфрленоста.
Друг со очајот.
И многупати оној што однадвор изгледа најсреден, во себе има поголем неред од оној на кого сите покажуваат со прст.
Затоа не брзајте да судите.
Понекогаш гледам луѓе како строго зборуваат за други луѓе, и си велам во себе:
„Дали некогаш се помолиле за нив? Дали некогаш заплакале барем пет минути пред Христа за нивната болка? Или само знаат да изрекуваат пресуди?“
Христос има благородство.
Тој не го гледа човекот како случај.
Го гледа како Свое дете.
И кога Неговото дете страда, не го отфрла.
Му се приближува уште повеќе.
Како што мајката не се оддалечува од детето што се мачи, туку уште повеќе се наведнува над него.
Така и Бог.
Со повеќе нежност.
Со повеќе љубов.
Со повеќе молк.
Зашто многу луѓе не страдаат само од она што се гледа.
Страдаат затоа што не биле правилно љубени.
Затоа што се исплашиле дека никаде нема место за нив.
Затоа што слушнале тешки зборови.
Затоа што ги натерале да помислат дека Бог е помал од нивната рана.
Тоа е голема лага.
Бог е поголем од секоја рана.
Поголем од секој страв.
Поголем од секој човечки суд.
И Црквата не е место за исфрлање.
Таа е место за исцеление.
Не е судница во која луѓето ќе мерат кој е достоен, а кој недостоен.
Таа е болница за душите.
А во болница не одат здравите за да се фалат.
Одат болните за да се излечат.
Затоа, секој што влегува во Црквата со болка, со борба, со жед за Христа, да не се плаши.

Да не вели: „Не сум како другите“.
Никој не е таков каков што изгледа.
Сите нешто криеме.
Сите со нешто се бориме.
Сите нешто носиме.
И пред Светиот Путир не стоиме како чисти.
Стоиме како гладни.
Гладни за милост.
Гладни за живот.
Гладни за Христа.
Затоа, не отфрлајте никого од Божјата врата.
Многу се плашам да не се случи, отфрлајќи еден ранет човек, ние самите да останеме надвор од љубовта.
Зашто Христос не ни даде заповед да ја чуваме Неговата врата со суровост.
Ни даде заповед да љубиме со вистина.
А вистината без љубов станува камен.
Додека љубовта со смирение станува лек.
Затоа зборувајте со расудување.
Не галете ги страстите, но не кршете го ни човекот.
Едно е страста.
Друго е личноста.
Едно е борбата.
Друго е вредноста на душата.
Душата вреди толку многу, што Христос ја пролеа Својата Крв за неа.
И кога човек го помни тоа, не може лесно да презре никого.
Имајте благородство во срцето.
Кога ќе видите човек што се бори, не стојте над него како судии.
Застанете малку покрај него како браќа.
Кажете едно: „Господи, помилуј“.
Помолете се малку.
Дајте малку надеж.
Понекогаш на човек што стои на работ од очајот не му треба многу.
Му треба еден збор кажан со болка.
Еден поглед без презир.
Едно место во Црквата.
Да почувствува дека Христос не го заборавил.
И запомнете:
Бог нема да нè праша само каква борба сме имале.
Ќе нè праша како сме го носеле својот крст.
И ќе нè праша уште нешто:
Како сме се однесувале кон крстот на другиот.
Дали сме го направиле потежок со нашето осудување.
Или сме го олесниле малку со нашата љубов.
Таму ќе се покаже дали сме Го имале Христа во себе.
Не во големите зборови.
Туку во тоа како сме го погледнале ранетиот човек.
Во тоа дали сме му ја потсетиле надежта.
Во тоа дали сме му отвориле пат кон Бог.
Зашто никој не е вишок во љубовта Христова.
Никој.
И оној што се осмелува да го заборави тоа, нека внимава да не му станало срцето потврдо од каменот што го држел за да го фрли врз другиот.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев