![]()
Отец Спиридон Скутис
Едно „лошо дете“ е ранет потенцијален светител, кому итно му е потребно исцеление.
А она што ние го нарекуваме лоша реакција, всушност е ранетиот крик на повреденото срце кое вика: „Ме боли!“ Ексцентричниот надворешен изглед на едно дете се раните со кои некои го распнале за самите да се задоволат. Ексцентричност која, во суштина, е израз на очајна потреба за неколку капки љубов.
Нè интересира дали нашето дете е добар ученик, дали е „доброто дете“ од маалото, дали добро ги носи одликувањата од славниот род, но не нè интересира што се случува во јадрото на неговата душа. Зашто никој не се заинтересирал за неа. Нè интересира да биде прв во светот, но не и пред очите на Бога и во небесниот свет.
Многупати таа рана започнала уште од Крштението, кога некои го гледале детето како производ и се расправале чие име ќе го носи. Потоа, повеќето се интересирале дали ќе јаде земна храна, а не небесна.
Му зборувале да трча по земни богатства и наслади, но никој не му кажал дека е предназначено да го наследи вечниот живот и Царството Небесно.

Едно дете кое не може да се вљуби во Христа и во човекот, затоа што за љубовта читало само во бајките и во љубовните песни што ги слушало навечер, со запалена ноќна ламба, во својата тажна осаменост. Таму сонувало дека некаде надвор постои една љубов што вистински ќе се заинтересира за неговото вистинско срце.
Но таа љубов во Христа никогаш не ја видело во очите на своите родители, па затоа му изгледа како лага. Така ја замислува љубовта и ја поврзува со насладата, без да ја вкорени во вистинската љубов. И сето тоа останува само во неговата фантазија, затоа што вистината не ја гледа никаде.
Дете чии родители викаат дека му дале сè и дека е неблагодарно, а тоа се чувствува како сираче. Добило сè, но никој не му кажал за Христа и за Царството Небесно, и во себе чувствува осаменост што личи на рана која многу боли.
Едно „лошо дете“ е рането дете, повредено битие кое страда. Во него вика посиновувањето од Светото Крштение, го доживува пламенот што му го гори срцето. Но кој ќе му проговори? Кој ќе застане покрај неговото битие за да му каже дека во овој живот нашата цел е да ја живееме вистината, а не да бараме лажни вистини по темни патишта?
Како ќе се спаси тоа дете, кога неговиот родител му зборува за гревот, а не за добродетелта? За надворешната убавина и за придобивките од мудроста на овој свет, но не и за Царството Божјо?
За ова дете, кое личи на ранет орел, Господ вели: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“.
Да не ги караме орлите. Да не ги осудуваме. Туку да Го повикаме Лекарот за нив, а Тој знае што ќе направи.
Родителот кој вистински го љуби детето што го донел на свет, го гледа како дете Божјо, а не како свое. Го смета за доверено од Бога, а себеси се чувствува како сопатник. Воспитувањето од страна на родителот треба да има за основа: „Твои дарови од Твоите“.
„Твое е, Христе мој, моето дете, и помогни ми, Те молам, да стане жител на Твоето Царство“.
Тоа е најдобрата молитва што може да ја произнесе секој човек кој донел дете на свет.
Затоа, возљубен мој, ако видиш ранет орел, не лути му се. Прегрни го.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев