![]()
„Понизете се пред Господа, и Тој ќе ве возвиси“ (Јаков 4,10)
Не постои душа што застанала пред Бога со вистинска желба за спасение и била оставена. Човекот многупати си вели во себе: „не можам“, „слаб сум“, „многу паднав“, „другите напредуваат, а јас останувам назад“. Но овие гласови обично се раѓаат таму каде што сè уште владее скриената доверба во самиот себе. Зашто, додека човекот се потпира на својата сила, Бог тивко чека неговото срце да се скруши, за да се пројави благодатта.
Господ никогаш не го оставил оној што вистински рекол: „спаси ме“. Кога душата ќе престане да се оправдува и внатрешно ќе клекне со смирение, тогаш тајно почнува да дејствува Божјата промисла. И многупати Бог не испраќа видливи чуда, туку човек. Еден духовен отец, еден старец, еден брат, па дури и еден обичен човек од секојдневието, кој ќе го каже оној збор што срцето го чекало долги години.

Тогаш човекот сфаќа дека патот не бил невозможен, туку дека товарот на гордоста бил неподнослив. Но штом ќе се препушти себеси во Божјите раце, се појавува оној што ќе го подигне. Зашто Црквата не е пат на осаменост, туку тело на љубов, крст и заемно носење на товарите. „Носете ги бремињата еден на друг“, вели апостол Павле. И во оваа тајна Бог го спасува човекот преку човек.
Затоа не очајувај и никогаш не вели: „не можам“. Кажувај само: „Господи, помилуј ме и научи ме на Твојата волја“. И кога срцето вистински ќе се смири, ќе видиш дека Бог веќе ита кон тебе уште пред да Го повикаш. Зашто Христос повеќе од нас го посакува нашето спасение и никогаш не доцни таму каде што има скрушеност и вистинско покајание.
„Срцето скрушено и смирено Бог нема да презре“ (Псалм 50)
Понекогаш Бог најнапред не го менува патот, туку го испраќа оној човек што ќе те научи како да одиш по него.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев