Милостината што се дава со смирение тајно го отвора небото

Spread the love

Loading

„Оној што му прави милост на сиромавиот, Му позајмува на Бога“, вели Светото Писмо. И овој збор не е човечка утеха во слика, туку божествено откровение. Зашто секој страдален човек што го среќаваме на патот на животот тајно станува икона Христова. Затоа и Господ рече: „Доколку сте му го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“.

Затоа, кога ќе видиш човек свиткан од тага, уморен од сиромаштија, ранет од напуштеност, не го стврднувај срцето и не поминувај брзо како ништо да не се случува. Застани малку со сострадание. Дај кроток збор, парче леб, чаша вода, поглед исполнет со милост. Овие мали нешта, кои светот ги смета за безначајни, пред Бога стануваат темјан на духовно благоухание.

Светите отци учат дека милостината не го спасува само оној што прима, туку пред сè оној што дава. Свети Јован Златоуст вели дека рацете на сиромавиот стануваат жртвеник Христов. Таму човекот го полага изобилието на својата љубов и таму се испитува дали неговото срце навистина живее во благодатта. Зашто лесно е да зборуваме за вера, но тешко е вистински да нè здоболи за другиот.

Вистинската љубов не бара возврат, ниту очекува пофалби. Таа го прави доброто тајно, како што учи Светото Евангелие: „Да не знае твојата лева рака што прави десната“. Скриената милостина станува таинствен разговор на душата со Бога.

Не испитувај кој е човекот што страда, ниту дали заслужува помош според човечкиот суд. Христос не нè научи да го испрашуваме страдањето, туку да го лекуваме. Срцето што милува наликува на срцето Божјо. И како што сонцето ги осветлува праведните и неправедните, така и христијанската љубов се простира без разлика.

Свети Исаак Сириски пишува дека милостив е оној чие срце гори за целата твар: за луѓето, за животните, па дури и за своите непријатели. Тоа е патот на обожението — човекот да стане живеалиште на Божјата љубов.

И кога ќе се измориш од тешкотиите на животот и ќе помислиш дека твојата сила се испразнила, тогаш запомни дека добрината не го исцрпува човекот, туку го воскреснува. Богатствата на овој свет исчезнуваат како чад, но љубовта останува вечна пред Бога. Милостивата душа тајно прима утеха од Светиот Дух — необјаснив мир, тивка и длабока радост, која не се раѓа од човечки успеси, туку од посетата на божествената благодат во срцето. Таму човекот сфаќа дека ништо не е посилно од љубовта што станува жртва.

„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“.

Кога срцето омекнува за болката на другиот, тогаш во него почнува да живее Бог.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!