Боже мој, што сакаш да ме научиш со ова?

Spread the love

Loading

Отец Хараламбос (Ливиос) Пападопулос

Кога во нашиот живот се случуваат тешки нешта, воопшто не ни помага да прашуваме: „Зошто баш мене?“

Напротив, огромна е ползата кога ќе научиме да прашуваме: „Боже мој, што сакаш да научам од ова?“ Овој живот е едно огромно училиште, во кое постојано сме повикувани на егзистенцијални лекции.

Она што не го учиме, Бог допушта повторно да го сретнуваме пред себе, сè додека не го научиме, не го надминеме или не научиме да се справуваме со него.

Ниту едно искушение нема да помине, ниту една страст нема да исчезне, ако нашето битие не ја прими лекцијата што му е неопходна за продолжението на неговото вечно патување.

Затоа, кога доаѓаат искушенија и испити, да не остануваме во одрекување и гнев. Да продолжиме кон ползата што тие можат да ни ја дадат. Да размислуваме за Крстот на нашиот Христос.

Да се сеќаваме дека преку ова искушение, преку послушанието кон Божјата волја, Христос ја преобрази темнината и злобата на светот во благослов и светлина.

Иако светот сакаше да Го уништи, Тој не само што живееше, туку ја победи и самата смрт. Зашто Бог може да ги преобрази сите порази во победи, темнините во светлина, секој наш крст во Воскресение.

Крстот Христов е огромна лекција за животот и смртта, бидејќи:

Ја открива големата љубов што Бог ја има кон нас.

Покажува дека овој живот секогаш има горчливо-сладок вкус. Неговата природа е крстовоскресна. Ќе треба многупати да бидеме распнати, но исто толку пати и да воскреснеме.

Дека не постои зло кое може да ја победи бескрајната Божја љубов.

Дека Бог е Оној Кој може секое зло и секоја темнина да ги претвори во светлина.

Дека за човек кој верува во Христос нема крај, нема конечен пораз, туку таму каде што сè изгледа дека завршува, повторно започнува од почеток.

Бог сигурно не го создава злото, но секогаш може да го употреби за наша полза. Тој не нè води на Крстот, но може да нè воскресне…

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!