Едно патување, една душа

Spread the love

Loading

Отец Хараламбос (Ливиос) Пападопулос

Христијанинот не е човек кој ги има сите одговори за животот во својот џеб. Напротив, тој е оној кој, иако не знае сè и не разбира сè што се случува во неговиот живот, избира да Му верува на Бога.

Не затоа што знае, туку затоа што љуби.

Многупати ќе очајуваме, ќе почувствуваме разочарување и немоќ да се справиме со она што се случува во нашиот живот. Гневот и тагата ќе ја обземат нашата душа. Огромни и тешки „зошто“ ќе бараат да ја растргнат нашата надеж.

Но дури и овие навидум негативни чувства се дел од големото патување на нашето битие. Обично овие чувства ги нарекуваме негативни. И сè што не одговара на плановите на нашиот ум и на нашето „его“, го сметаме за катастрофа.

Но знаете ли колку такви катастрофи станале големи почетоци за нешто ново, силно и убаво во нашиот живот? Ако сме искрени, ќе признаеме дека пред да се најдеме себеси, требало прво да се изгубиме.

Затоа, ништо од она што се случува во нашиот живот не е надвор од развојното патување на нашето битие. Сето тоа се лекции што ни се потребни за духовно да пораснеме.

Затоа да се оддалечиме од искушението да ги нарекуваме „добри“ оние работи што се совпаѓаат со нашите планови, а „лоши“ оние што ги надминуваат нашите толкувања и ги расипуваат плановите на нашето „јас“. Да Му се довериме на Бога.

Секоја наша тешкотија и секое негативно чувство нека стане повод за молитва и за однос со Христос. Да Му зборуваме и искрено да го отвориме своето срце пред Него. И да Му кажеме дека сме мали и слаби за да разбереме што бара од нас и зошто сретнуваме пречки на патот на нашиот живот.

„Не знам, Господи, зошто го допушти ова искушение, но добро знам дека ме љубиш и дека не го сакаш моето зло. Ти верувам, иако не Те разбирам секогаш“.

Бидете сигурни дека ако останеме верни на овој однос со Бога, Тој нема да нè разочара. Ќе дојде мигот кога ќе разбереме зошто се случило сè што се случило во нашиот живот.

И тогаш ќе видиме дека секое искушение и секоја проба, секој човек што сме го сретнале, секој благослов и секоја катастрофа што сме ја доживеале, биле дел од еден поширок план на духовно растење.

Секојпат кога ние велевме „не успеав“, Бог ја менуваше насоката и отвораше нови патишта во нашиот живот. Секојпат кога викавме „пропаднав“, всушност започнуваше нова лекција за животот и вечноста.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!