![]()
„Зашто каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце“, вели Господ во Светото Евангелие според Матеј. И овој збор ја открива целата тајна на човечкото постоење. Зашто срцето на човекот секогаш живее таму каде што вистински љубело. Понекогаш го подига погледот кон небото барајќи милост, понекогаш талка по земјата барајќи утеха во лица, места и спомени. Но она што длабоко ја допрело душата не се губи, ниту навистина се оддалечува. Станува внатрешно присуство. Станува паметење на срцето.
Пророкот Давид воскликнува низ Псалмите: „Се прилепи душата моја кон Тебе; Твојата десница ме поддржа“. Така и душата на човекот се прилепува кон она што го љуби. И ако љубовта е чиста, смирена и благословена од Бога, тогаш таа се преобразува во пат на спасение. Зашто вистинската љубов не е само човечко чувство. Таа е одблесок на божествената љубов во светот. „Бог е љубов“, пишува свети Јован Богослов, и таму каде што има вистинска љубов, таму тајно почива Божјата благодат.
Многупати човекот мисли дека радоста се наоѓа во далечни места, во луѓе што ги изгубил или во соништа што сè уште не се оствариле. Но светите отци учат дека срцето станува цел еден свет кога во него ќе се всели Христос. Свети Макариј Египетски вели дека во срцето има „и змејови и лавови, и отровни ѕверови, но и Бог, и ангели, и Живот, и Царство“. Таму, во длабочините на срцето, се среќаваат небото и земјата, сегашноста и вечноста.
Кога човек љуби со чистота, во него се создава свето место на споменот. Таму продолжуваат да живеат оние што ги љубел. Таму дишат неговите молитви, надежи и болки. Љубовта не познава граници, ниту се мери со растојанија. Зашто она што се соединило со душата не се распаѓа од времето. Свети Исаак Сириски вели дека „милостиво срце е горење за целата твар“. Срцето што научило вистински да љуби го собира во себе целиот свет.

И кога човек ќе клекне на молитва, тогаш разбира дека ништо од она што го љубел пред Бога не е изгубено. Молитвата ги соединува далечините што очите не можат да ги премостат. Затоа мајките се молат за своите деца оддалеку и ја чувствуваат нивната душа близу до себе. Затоа и светиите, иако си заминале од овој свет, остануваат живи во Црквата. „Бог не е Бог на мртвите, туку на живите“. Во тајната на љубовта сè продолжува да постои пред Бога.
Светот го учи човекот постојано да ја бара полнотата надвор од себе. Но Црквата го повикува да слезе во своето срце. Таму каде што завршува вревата, започнува вистината. Таму каде што замолчува светот, зборува Бог. Свети Григориј Палама учи дека умот треба да се врати во срцето, зашто таму човекот ја среќава благодатта на Светиот Дух. И тогаш разбира дека она што вистински го љуби не се наоѓа ниту на небото, ниту на земјата како далечина, туку во самото негово постоење како тајна на животот.
„Царството Божјо е внатре во вас“. Во срцето што се очистува со покајание и молитва расцутува вечниот спомен на љубовта. И таму, во најскриеното место на душата, човекот ги среќава не само оние што ги љубел, туку и Самиот Христос — „вистинската Светлина, Која го просветлува секој човек што доаѓа во светот“.
Ниту една вистинска љубов не се губи во Бога. Таа само се преобразува во молитва, во свет спомен и во очекување на вечноста.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев