![]()
Додека човекот ја следи својата волја, мисли дека оди слободно, но многупати се води кон внатрешна збунетост, кон измореност на душата и кон безизлез што не може да се објасни со зборови. Зашто срцето што се оддалечува од Бога, дури и ако се исполни со желби и достигнувања, останува без мир.
Старечникот зачувува една голема отечка вистина преку устата на авва Исидор: мудроста на светиите била во тоа што ја познале Божјата волја и целосно Му се предале Нему. Таму се наоѓа тајната на духовната победа. Не во човечката сила, ниту во самодоволноста на умот, туку во послушанието кон вистината. „Да биде волјата Твоја“ не е само збор на молитва, туку целосен став кон животот, кој го скрушува егоизмот и го отвора срцето за благодатта на Светиот Дух.
Човекот беше создаден „според образот и подобието“ Божјо. „Образот“ го прими како дар. Но „подобието“ станува подвиг, крст и слободна согласност на душата со божествената волја. Затоа и свети Дијадох Фотикиски учи дека само оние кои од голема љубов ја потчиниле својата слобода на Бога, навистина стануваат слични на Него. Зашто тогаш престануваат да си припаѓаат самите на себе и стануваат живеалиште на божественото присуство.
Најголемата прелест на нашето време е тоа што човекот го смета за слобода она, кога може да прави сè што сака. Но светиите знаеле дека вистински слободен е оној што ја победил сопствената волја и научил со смирение да вели: „Господи, како што Ти сакаш“. Тогаш душата се смирува. Тогаш дури и тагите се преобразуваат во таинствена утеха. Зашто Бог не го води човекот кон пропаст, туку кон спасение, макар патот да поминува низ искушенија и солзи.

„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене“ (Матеј 16,24).
„Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог“ (Псалм 142).
Божјиот пат не е секогаш лесен, но тој е единствениот што на крајот не ја остава душата празна. Оној што Му се доверува на Христа, дури и ако падне, дури и ако се свитка под товарот, не се губи. Зашто послушанието кон божествената волја раѓа во човекот еден друг живот, мир што светот не може да го даде.
„Љубовта Божја, кога ќе се всели во душата, го прави човекот да ја заборави сопствената волја“ – вели свети Исаак Сириски.
Нека научи нашето срце да не го бара секогаш она што го сака, туку она што спасува.
Тивко благословен е човекот што ја остава својата рака во раката Божја.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев