![]()
„Како што мајката го утешува својот син, така и Јас ќе ве утешам вас“
(Исаија 66,13)
Постојат зборови што не се родени само за да се изговараат, туку за да живеат во човечката душа. Еден од тие зборови е мајка. Таа не е само личност. Таа е тајна на љубовта. Таа е првата жртва што човекот ја познал уште пред да го запознае светот. Таа е сенката што бдее покрај детската постела, тивката молитва во ноќта, солзата што се крие за да не натежне врз друго срце.
Мајка е онаа што го држи своето дете како што Црквата го држи човекот: со трпение, со простување, со издржливост што само Бог може да ја даде. Затоа и светите отци зборуваат за мајчинската љубов како за икона на божественото милосрдие. Зашто вистинската мајка не љуби само кога детето е достојно. Таа љуби уште повеќе кога тоа е рането.
„Може ли жена да го заборави своето дете? Но и ако таа го заборави, Јас нема да те заборавам“ (Исаија 49,15).

Мајката бдее ноќе без да бара награда. Го носи на своите колена уморот на денот, а на своите усни зборовите: „Слава Му на Бога“. Таа станува утеха кога сè се руши и прибежиште кога светот станува суров. Многупати детето не сфаќа колку молитви го одржале исправено, колку метании биле направени скришно за неговиот живот, колку пати мајката застанала пред иконите, барајќи милост од Христос и од Пресвета Богородица.
Мајчинството во православната традиција не е само биолошка врска. Тоа е служење на љубовта и крстна жртва. Тоа е пат на смирение. Затоа и Црквата ја возвишува како вечен образец Пресвета Богородица, Мајката Господова, Која Го држеше во Својата прегратка Самиот Бог и стоеше под Крстот без да замине.
„А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во своето срце“ (Лука 2,19).
Мајка значи да даваш делови од својот живот за да расцвета друг човек. Ти да се исцрпуваш за тој да не ожедни. Да паѓаш на колена во молитва кога сите други напуштаат. Да продолжиш да љубиш дури и кога си ранета.
Свети Јован Златоуст учи дека домот во кој има мајчина молитва станува мала Црква. И навистина, постојат домови сиромашни со пари, но богати со благодат, затоа што во нив има мајка што се прекрстува со вера.
Никогаш не ја заборавај својата мајка. Колку и да растеш, колку и да се менува животот, колку и да се оддалечуваат луѓето, таа секогаш во себе ќе го носи детето што некогаш го држела во прегратка. И кога нејзините раце ќе остарат, тогаш најмногу ѝ се потребни љубов, почит и присуство. „Почитувај ги татка си и мајка си“ (Излез 20,12).
Зашто по Бога, мајката е првата прегратка што ја познало човечкото срце.
МАЈКА — најтивкиот облик на жртва на земјата.
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев